Репрезентацијата на Македонија денеска на Градскиот стадион во Скопје со почеток од 20:45 часот го игра првиот натпревар во квалификациите за пласман на ЕП 2020 против Летонија.
Вечерашниот дуел ќе биде посебен за капитенот на нашиот национален тим, Горан Пандев, кој ќе го игра својот јубилеен 100-ти натпревар во дресот на Македонија.
Пандев е лидер и на листата по број на постигнати голови во дресот на Македонија и зад своето име има 33 постигнати погодока. Популарниот Гоче е и рекордер за најмлад стрелец за македонскиот национален тим, откако со 19 години, еден месец и 25 дена, постигна гол на натпреварот против Малта во 2002 година.
Пандев вечерва ќе се израмни со Гоце Седлоски по бројот на настапите но во недела против Словенија ќе го надмине поранешниот репрезентативец и селектор на Македонија.
На вчерашниот прес тој изјави дека е среќен за 100-тиот натпревар во „жолто-црвениот“ дрес, но најважно за него е нашиот тим да оствари победа.
– Се надевам дека и публиката ќе дојде во што поголем број. Оваа генерација тоа го заслужува тоа, а поддршката е многу важна. Во последните години ја вративме самодовербата на оваа репрезнтација, имаме одлична атмосфера. Функционираме како една фамилија и се надевам дека прва цел е победата, а дури потоа да постигнам гол на овој јубилеј, изјави Пандев.
Што се однесува до противникот, селекторот Игор Ангеловски изјави дека најсилното оружје на Летонците се прекините и воздушните дуели. Тој очекува фудбалерите да го покажат нивото од натпреварите во Лигата на Нациите,да одиграат добро и да остварат победа.
– Ние сме подготовени. Јас кажав дека е задоволство да се работи со овие момци, и најдоброто издание го очекувам во следните натпревари. Длабоко верувам во нив и допрва од нив ги очекувам најдобрите натпревари. Јасно ми е на мене и на фудбалерите дека нема лесни противници и така ќе играме на секој натпревар, вели Ангеловски.
Поради повреди, селекторот на нашата репрезентација потврди дека нема да смета на Иван Тричковски и Стефан Спировски за денешниот натпревар.