Свртивме страница, се наоѓаме целосно во нова ера, но оваа страница е бела и сега ќе треба да ја испишеме, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервјуто за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон”, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на дипломатијата објаснува дека сега постојат многу предизвици, прво практични, кои се однесуваат на промената на името, а потоа оние кои што се поврзани со имплементацијата на вториот дел од договорот „важен за ослободување на огромен потенцијал за соработка и пријателство”.
– Цврсто верувам дека нашите две земји се природни сојузници. Соседи сме, во Европа сме, Грција секако е поголема земја, меѓутоа во современиот заемно зависен свет сите можеме да добиеме од соработката, вели Димитров.
Министерот за надворешни работи вели дека политичарите кои се на власт мора прво да мислат на интересот на земјата, а потоа на партискиот интерес.
– Во нашето време, во светот не се случува често да гледаш политичари кои повеќе мислат на следните генерации, а помалку на следните избори, потенцира Димитров „Ефимерида тон синдактон“.
Тој во интервјуто истакнува дека Договорот од Преспа не е договор меѓу две партии, туку две влади и две држави и постои „меѓународна обврска за да се оди напред”.
– Кога сакаш да уништиш нешто, не е толку тешко. Тешко е да изградиш. Наша должност е да се обидеме, сите оние кои сакаат да уништат, за тоа да има голема цена, објаснува Димитров и изразува верба дека ќе ги освојат срцата на луѓето, дури и на оние кои денес се противат.
На прашањето зошто договорот задоцни и се загубија цели 27 години, министерот за надворешни работи вели дека „штом Договорот од Преспа тргне напред, граѓаните ќе се прашуваат зошто тоа не беше постигнато во 90.те”.
– Една од причините што сега се постигна договорот можеби се должи на тоа што нашите општества созреаја, но и на лидерските способности што ги покажа оние кои беа инволвирани во напорите, коментира Димитров во интервјуто.
За европската перспектива на Северна Македонија, министерот за надворешни работи објаснува дека чекаме од 2005, а најголемата пречка беше проблемот со името, сега пак, вратите се отворени.
– Кога европските лидери велат дека најдобрите новости дојдоа од Балканот поради Договорот од Преспа, не може во продолжение да не сторат ништо. Ќе се изгуби и европската привлечност за останатите земји од Западен Балкан, коментира Димитров, пренесе МИА.
Во однос на тоа дали се плаши дека евентуалното доаѓање на власт на лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, може да создаде проблеми на европскиот пат, шефот на дипломатијата изразува надеж дека ќе постои основно разбирање.
-Не е лесно да создаваш и да градиш пријателства. Верувам дека како што ние имаме интерес од успешна Албанија, така и Грција има свој интерес на нејзината северна граница да постои функционална, европска, демократска земја. Се надевам, познавајќи ја и традицијата на семејството дека кога и доколку се случи (по правило велат никогаш да не одговараш на хипотетички прашања на новинарите) дека ќе можеме да имаме основно разбирање. Никој не може ништо да добие ако го нападне неговиот сосед, објаснува Димитров.
Министерот за надворешни работи, во опширното интервју за „Ефимерида тон синдактон“, се потсетува и на првата средба со неговиот поранешен грчки колега, Никос Коѕијас на 14 јуни 2017, веднаш по преземањето на функцијата. Вели дека тогаш се прашувал каков е, а првите два месеца од преговорите биле полни со прашања. Размислувал дали можеби сѐ ова е игра „или навистина се обидуваме да го решиме проблемот?“ и додава дека за сѐ што поминале, треба со Никос Коѕијас заедно да напишат книга. Открива дека имало моменти кога биле лути, викале.
– Беше тешко, исто така и двајцата добивавме напади од дел од јавноста, ни се закануваа, на нас, но и на нашите семејства, дури и со смрт. Но, на крај меѓу нас воспоставивме целосна доверба и вистинско пријателство што ќе трае засекогаш. А се надевам дека и нашите земји ќе останат засекогаш пријатели. Затоа и овој договор го нарекуваме историски, вели Димитров.