Постои желба од двете страни, но немаме дефинирано датум за посета на премиерот на Грција Алексис Ципрас, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
– Потврдено е дека од двете страни постои желба прво да се случи посета на премиерот на Грција Алексис Ципрас овде во Скопје, а после тоа да имам и јас возвратна посета. Немаме фиксирано датуми, штом ќе ги договориме веднаш ќе ги соопштиме, изјави премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање кога ќе дојде Ципрас во посета на Скопје.
Заев посочи дека, останува отворено на гостинот кој треба да определи кога е возможно за него да се случи посетата.
– Ние сме тука. Од 1 април почнува кампања, значи тука сме. Ќе ни биде драго вака висок гостин, прв премиер од Република Грција, која е нашиот јужен сосед и голем пријател, да ја посети Република Северна Македонија и нашиот главен град Скопје, изјави Заев.
Претходно, дописничката на МИА од Атина, соопшти дека кабинетот на претседателот на Владата и Министерството за надворешни работи на Грција, работат на планирање на посетата на грчкиот премиер на Скопје, што според дел од грчките информативни портали, ќе биде на почетокот на следниот месец.
-Министерскиот тим што ќе го придружуваат Алексис Ципрас, уште не е одреден, а се подготвува и бизнис делегација што ќе биде со него, во голем дел ќе бидат бизнисмени од Северна Грција. Туризам, градежништвото, енергијата ќе бидат некои од областите на кои ќе се стави акцентот. Пред Велигден, пак, се очекува да се реализира посета на Зоран Заев на премиерската палата, објави грчкиот портал „Њузпост“.
Плановите за посета на Скопје ги откри самиот грчки премиер во петокот вечерта за време на говорот на четвртиот Економски форум во Делфи. Како што веќе објави МИА, Алексис Ципрас рече дека многу бргу ќе биде првиот грчки премиер кој официјално ќе го посети Скопје, придружуван од бизнис делегација.