Во држвава во тек е реконструкција на 15 патни делници на транзитни сообраќајници, зафати вредни 186 милиони денари обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Три делници од нив во вкупна должина од 18,2 километри отпаѓаат на Охрид и тоа во транзитниот дел на градот, со реконструкција на главниот булевар „Туристичка“.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој денеска заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов извршија увид во градежните активности на терен истакна дека интензивно се работи на сообраќајниците во земјата, независно од категоријата.
– Моментно се работи на два автопата и тоа Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип што ќе биде пуштен во употреба во текот на оваа седмица. Се работи и на четири магистрални патишта и на 40 регионални патни правци, рече Сугарески, најавувајќи дека ќе се реконструира и стариот пат кон Струга, како и патот од Струга кон Радожда. Сугарески најави дека наскоро почнува и изградба на нов автопат од Скопје кон Блаце.
Според министерот Сугарески, капиталните инвестиции во Македонија оваа година ќе бидат исклучително високи.
– Реализацијата на проекти во првиот квартал оваа година е 300 отсто повисока споредбено со првото тромесечие лани, а овој квартал се уште не е изминат. Со почетокот на градежната сезона, интензивно ќе се работи и во другите квартали, со очекувања да бидат реализирани сите зафати што ги има предвидено Владата за тековната година, рече Сугарески.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов од своја страна истакна дека сите реконструкции на делниците во Охрид ќе бидат завршени до мај, за градот да биде подготвен за престојната туристичка сезона. Тој најави дека во тек е тендерска постапка за проектирање на делницата од Охрид кон Свети Наум, со очекување дека наредната година ќе биде спроведена реконструкција и на тој магистрален патен правец, со забелешка дека се работи за специфичен зафат што заради УНЕСКО бара посебни елаборати за заштита на животната средина.
– Севкупно до крајот на овој месец во земјата ќе стартува рехабилитација на 40 патни правци во должина од 400 километри, проекти ќе продолжат и во јуни на уште 15 патни правци итн. До крајот на годинава е предвидено да бидат рехабилитирани 800 километри патишта од најразлични категории, истакна Китанов.
Покрај реконструкција на тие делници, Сугарески и Китанов истакнаа дека во тек се и градежни активности на автопатот Охрид – Кичево, со нивно интензивирање со подобрување на временските услови.
– Изградбата на автопатот е во тек, независно проблемот околу кредитот од „Ексим банката“. Претставници на банката беа кај нас, се работи за процедура во кинеската Влада, но верувам дека тоа ќе се реши за месец. Ние од посточекиот кредит имаме средства околу 200 милиони евра, така што и без тој кредит континуирано ќе продолжи да се работи. Наша тенденција е да не се чека крајниот рок за изградбата на автопатот 2021 година, туку етапно да се пуштаат во употреба делници од автопатот, како истите ќе бидат изградени, рече Китанов.
Сугарески, Китанов и в.д. градоначалникот на Охрид Константин Георгиески извршија увид и во состојбата во која се наоѓа улицата „15 Корпус“, на патниот працев излез од Охрид кон Битола, кој е во лоша состојба, со цел и тој да биде вклучен како проект за рехабилитација.