Државниот градежен инспекторат ќе урива на Матка, директорот Љимани го послуша министерот Сугарески

Од:

Директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам Локаман Љимани го послуша министерот за транспорт Горан Сугарески, ќе направи контрола на работата на градежната инспекција на Општина Сарај која со години не ги урива дивите платформи на Матка. Од Инспекторатот велат дека ја следат состојбата со платформите и најавуваат дека ќе постапат согласно Законот за градење кој, пак, предвидува уривање на објектите изградени без одобрение.

„Инспекторатот достави писмено барање до градоначалникот на Општина Сарај за постапување согласно позитивните законски прописи. По добивањето на бараните податоци, инспекторатот ќе постапи согласно одредбите од Законот за градење и другите законски прописи“, изјавија за „А1он“ од Инспекторатот.

Директорот на Инспекторатот не одговори на прашањата зошто се премисли и најави дека ќе постапи по барањето на министерот откако мината недела Инспекторатот се прогласи за ненадлежен да постапува на Матка оти се работи за градби од прва категорија кои се во надлежност на локалната самоуправа. Тој не одговори и на прашањето кога ќе излезат да направат увид на Матка.

Министерот за транспорт и врски викендов уште еднаш јавно побара Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да направи увид на Матка, да утврди дали градежниот инспектор постапил согласно надлежностите и да направи извештај кој им е неопходен за евентуално одземање на ингеренциите на Општина Сарај од областа на урбанизмот.

Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, не одговара на прашањата дали изготвиле решенија за уривање на дивоградбите на Матка, зошто ги толерираат со години и каков е неговиот став по најавата за одземање на ингеренциите од областа на урбанизмот.

Министерството за транспорт и врски минатиот понеделник испрати барање Државниот градежен инспекторат да направи увид на Матка и да ги урне дивите платформи поради очигледното непостапување на општинската градежна инспекција, а за тоа побара и да подготват извештај врз оснава на кој е можно одземање на ингеренциите на Општината од областа на урбанизмот.

Увид на Матка најави и Инспекторатот за животна средина.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Спасени туристи од Хонг Конг кои се загубиле на Матка

Утре над 500 домашни и странски тркачи ќе учествуваат во трката Водно-Матка Треилс

Ана Ололовска

Овој викенд по петти пат ултимативната планинска трка – Водно-Матка Треилс

Ана Ололовска

Изгоре кампер-возило на полски туристи на Матка

Жарко Настоски

Активисти ја чистеа Матка

Жарко Настоски

Град Скопје го прифати предлогот кањонот Матка да стане споменик на природата

Катерина Ѓуровски