Њујорк Тајмс
Уште кога европските фармацевти почнаа да го дестилираат џинот и да го продаваат како лек за сè во 16. век, овој алкохол со вкус на смрека е ценет како лек, се обвинува за поттикнување на јавниот неред и се консумира во мнофу коктели за секоја сезона.
Сувиот џин сега доживеа ренесанса во Лондон.
Продажбата на џин во Велика Британија достигна вредност од речиси две милијарди фунти, односно 2,6 милијарди долари минатата есен, додека во исто време во 2017 година, таа вредност изнесуваше 1,26 милијарди фунти. Џинот сега е втор најпопуларен пијалок во таа земја, веднаш зад вотката.
Џинот во Велика Британија стана толку популарен, што Националниот институт за статистика повторно го класифицира меѓу производите со кои се мери инфлацијата, откако пред 13 години го отстрани од таа листа.
Меѓу новите производи – кои, всушност, имаат препознатлив вкус на смрека (џинот се прави од бобинки од смрека) – можат да се најдат џемови со вкус на џин и свеќи со истиот мирис. Британците сега сакаат да заработат на џин и надвор од домашниот пазар.
Сем Голсворди и Ферфокс Хол планирале во 2007 година во Западен Лондон да отворат дестилерија, но нивниот план го осуетиле бирократски правила стари 250 години, кои предвидуваат дека џинот може да се произведува само во услови каде производните капацитети се најмалку 1.800 литри.
Голсворди и Хол лобирале во владата да се повлечат рестрикциите, а во 2009 година нивната компанија „Сипсмит“ добила дозвола за работа. Тоа го отворило патот и на други мали дестилерии.
Бројот на дестилерии во Велика Британија се зголемил од 113 во 2009 година на 419 во 2018 година. Тие, исто така, станале популарни туристички дестинации. Само „Сипсмит“ го посетуваат околу 25.000 посетители годишно.
-Тоа сега е дел од прехранбената култура, која веројатно не постоела во Велика Британија пред 20 години, вели Мајлс Бил, извршен директор на британското Здружение за трговија со вино и алкохолни пијалаци. „Луѓето, исто така, се помалку пијат, но тие се повеќе заинтересирани за тоа што внесуваат во себе. Затоа се подготвени да платат повеќе“.
Ијан Падик открил во 2013 година дека лондонската зграда, каде што се сместени просториите на неговата водоинсталатерска фирма, некогаш била дестилерија, во која се произведувал џин. Тој ги нашол потомците на сопственикот и заедно го отвориле „Олд бејкери џин”, чии производи сега се продаваат во стоковните куќи „Хародс” и „Фортум и Мејсон”.
Големите компании купуваат дестилери за да заработат на светскиот пазар, чија вредност, според податоците на фирмата за истражување „Евромонитор”, од 10,5 милијарди во 2007 година се зголемила на 15,5 милијарди во 2017 година.
Мали производители од други делови од светот, исто така, го нашле своето место на пазарот. „Педлерс џин“, шпански бренд, неодамна потпиша договор за дистрибуција на меѓународно ниво. Новите дестилерии се раѓаат од Австралија и Лихтенштајн до САД, вели Николас Кук од британскиот „Џин Гилда”.
Привлечноста на овој пијалак е во тоа, вели Кук, што е тој „и за возрасни и хипстери во исто време”.