„Титаник“: СЈО презентира повеќе од 2 000 лажни лични карти изработени за изборите во 2013

Од:

Судењето за предметот „Титаник” кој се однесува за изборните нерегуларности денеска продолжи во доказна постапка со изведување на доказен материјал од страна на Специјалното јавно обвинителство. Обвинителката Лиле Стефанова пред судот ги презентира лажните лични карти кои според обвинението биле изработувани за потребите на тогашната партија на власт ВМРО-ДПМНЕ за изборните процеси.

Станува збор за повеќе од 2 000 лични карти со лажни имиња и со фотографија од претежно постари лица.

Обвинителството изработката на лажните лични карти го поврзува со разузнавачот Мунир Пепиќ во чиј дом во Батинци при при извршен претрес во истражната постапка беа пронајдени голем број материјали кои сега се користат во судската постапка како докази.

Ексминистерот Миле Јанакиески исто така обвинет во случајот „Титаник” во еден разговор од „бомбите” презентирани од СДСМ го споменува Пепиќ како-„оној Пепиќ што ни ги прави личните карти”.

Според обвинението, личните карти во најголем дел биле наменети за гласачи од Пустец кои организирано биле носени да гласаат во општина Центар.

Обвинетиот Мунир Пепиќ се споменува во периодот на локалните избори во 2013 и парламентарните во 2014 година, кога наводно бил дел од групата која одела во Пустец да ја одработи операцијата за гласање на овие жители во Македонија, преку издавње на лични карти на фиктивни адреси на живеење.

Во предметот „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Обвинетите се теретат за делата злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Врховен ги одби како неосновани барањата за преиспитување на пресудата за „Титаник“

Рочиштата на Титаник, Ласкарци и Жан Митрев одложени поради самиотот на ОБСЕ

Изборот на нови судии во Апелација, може да ги врати „Ласкарци“, „Титаник“ и „Талир“ од почеток

Првокласно мени од Титаник продадено за 75.000 евра

Горан Наумовски

Во завршните зборови Стефанова ќе каже дека застарело делото „злосторничко здружување“ во „Титаник“

Ново рочиште за „Титаник“: Законските измени го застаруваат делото „злосторничко здружување“

Александар Тодески