Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со генералниот секретар за меѓународни и економски односи во грчкото министерство за надворешни работи, Јанис Брахос кој беше придружуван од амбасадорот Димитрис Јанакакис и делегација од канцеларијата за економски прашања при Генералниот секретаријат во Владата на Грција.
На средбата се зборуваше за придобивките од постигнувањето и практичната имплементација на Преспанскиот договор и за интензивирање на економската соработка и релации помеѓу двете пријателски земји, што ќе резултира со зголемување на трговската размена и економски придобивки кои ќе бидат видливи и почувствувани од граѓаните во двете земји.
„Нам ни претставува огромно задоволство што денеска не посетивте. Ваквите средби во иднина ќе бидат сé почести и редовна пракса, бидејќи со Грција започнавме да градиме искрено пријателство кое ќе го негуваме преку зголемена соработка, пред сé на економски план, а потоа и во области како што се културата, образованието и здравството. Сакаме да им покажеме на граѓаните од соседна Грција, дека сме посветени на целосна имплементација и почитување на Договорот од Преспа, дека ќе работиме на унапредување на економската соработка, а бенефитите ќе бидат видливи за граѓаните од двете земји“, порача Заев.
Генералниот секретар за меѓународни и економски односи во грчкото министерство за надворешни работи, Јанис Брахос ја потврди заложбата на Грција за градење на пријателство со нашата земја и за интензивирање на политичките и економски односи преку иницијативи за поблиска соработка и координација на економските ресори од двете земји.
Премиерот Заев ја посочи важната улога на лидерството што Грција го има во регионот за зголемувањето на регионалната соработка што е важен чекор за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и информираше дека процесот за полноправно членство на нашата земја во НАТО се одвива навремено и брзо и воедно претставува голем успех за Северна Македонија и нејзините граѓани.
На средбата беше посочено дека сега е вистински момент да се постигнат конкретни резултати на економски план преку стратешко партнерство помеѓу двете земји како што е предвидено во Преспанскиот договор, а посебно преку интензивирање на соработката на проекти кои значат енергетско и инфраструктурно поврзување.