Машката кошаркарска репрезентација доживеа пораз од Романија, но поради поголемата победа во првиот меѓусебен меч, „црвено-жолтите“ се пласираа во квалификациите на Европското.
Тренерот на нашиот тим, Јорданчо Давитков небеше среќан од играта по мечот, но дека го оствариле она што го планирале одамна.
– Игравме добро во одбраната, но ужасно во нападот. Натпреварот беше исклучително важен за двете репрезентации и мислам дека затоа играта на двете страни беше таква каква што беше. Го остваривме тоа кое го планиравме одамна – се пласиравме во квалификациите, но мораме да работиме повеќе и подобро. Мислам дека во второто полувреме го сменивме начинот на игра во одбраната и ги спречивме противничките кошаркари да реализираат повеќе поени. Не сум среќен со начинот на кој игравме, но среќен сум поради успехот кој генерално го остваривме. Се мачевме две години за да стигнеме до евроквалификациите, а тоа што сега ни претстои е различна приказна, беа првите зборови Давитков по завршување на последниот натпревар од оваа претквалификациска фаза.
Првите натпревари од квалификациите се закажани за втората половина од месец ноември оваа година.