Судијката, Добрила Кацарска која го води случајот за насилниот упад во Собранието, по денешното апсење на тројцата функционери од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека обвинетиот Александар Василевски-Нинџа по чиј исказ се води истражната постапка за случајот, не се спогодил со судот за помала санкција.
„Во оваа фаза судот не може да се спогодува со никого. Можеби обвинителството се спогодило со Александар Василевски-Нинџа“, кажа Кацарска, која додаде дека не би можела да коментира за приведувањето на Вељаноски, Ристовски и Јанакиески.
Судијката истакна дека во текот на водењето на постапката за 27 април немала никави притисоци, ниту од функционери, ниту од некоја партија односно владејачката СДСМ или опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Го знаат мојот карактер и затоа никој не се обидел да ми врши притисок во текот на постапката“, рече Кацарска додавајќи дека ниту еден од обвинетите за 27 април не може да добие ослободителна пресуда.
Кацарска изјави дека во текот на наредните две недели ќе има пресуди за крвавиот четврток.
Виктор Јованов