„Пелистерка“ го предложи Миле Зечевиќ, советникот на Заев, за член на Надзорен одбор во Стопанска Банка Битола

Од:

Адвокатот и советникот на премиерот Миле Зечевиќ е предложен за независен член на Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола на наредното Собрание на акционери што ќе се одржи на 13 март. Зечевиќ за оваа функција со мандат од четири години доаѓа како предлог на А.Д. „Пелистерка“.   

Миле Зечевиќ работи како адвокат и е долгогодишен член на раководството на СДСМ. Беше директор на УБК, шеф на изборниот штаб на партијата на последните локални избори во 2017 година. А, со доаѓањето на СДСМ на власт, премиерот Зоран Заев го именуваше за негов надворешен советник за адвокатски услуги.

Освен Зечевиќ, други предлози на „Пелистерка“ се Дејан Панделески, Иванчо Велјановски, Александра Радевска, Илија Тозија и Игор Камбовски.

Како влегува во ова друштво Миле Зечевиќ побаравме коментар од него. Тој за ИРЛ потврди дека е предлог за член на Надзорен одбор, дека е долгогодишен пријател со Дејан Панделески и одамна адвокат на фирмата ќерка на „Пелистерка“ – „Еуро дистрибуција“.

Панделески е кумашин на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и син на Цветан Панделески, кој е директор на ЗИК „Пелагонија“ и во моментов е во домашен притвор за случајот „Империја“. Тозија, пак, е близок пријател со синот на Сашо Мијалков, Јордан Мијалков.

Според организациската поставеност на банката највисок орган е Собранието на акционери, а потоа доаѓа Надзорниот одбор во кој треба да влезе Зечевиќ и кој ќе ја контролира работата на Управниот одбор. Според Статутот, Надзорниот одбор го одобрува годишниот извештај за работењето на банката, именува и разрешува членови на УО, го одобрува буџетот, програмата и плановите на банката.

За претстојното собрание што ќе се одржи во март свој предлог за член на НО испратиле и другите акционери во банката -„Бест веј инвестмент“ и „Руле турс“. Нивни заеднички предлог е Илија Тозија, кој се наоѓа и на списокот на „Пелистерка“.

Фирмата „Бест веј инвестмент“ е сопственост на синот на Сашо Мијалков, Јордан Мијалков, каде Илија Тозија е управител. 28-годишниот Тозија, пред 4 години, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беше член на надзорниот одбор на Државна видеолотарија.

Најавеното акционерско собрание е прво што ќе се одржи по апсењата на осомничените во случајот „Империја“, а кои во моментов се членови на Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола. Од Надзорниот одбор ќе биде сменет Ненад Јосифовиќ, близок соработник на Орце Камчев, кој во моментов е во домашен притвор. Од старите членови остануваат само Дејан Панделески и Александра Радевска.

Како член на Надзорен одбор Миле Зечевиќ ќе добива по 50.000 денари месечен паушал и ќе носи одлуки заедно со Панделески и Тозија.

Преземено од Маја Јовановска, irl.mk

Би можело да ве интересира

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

А1он

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ

А1он

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ секогаш биле и ќе останат политички „кукавици“

А1он

(ВИДЕО) Филипче: Денешниот конгрес е нов почеток, нова борба, нова надеж дека можеме да ја вратиме партијата на победнички патеки

А1он

СДСМ денеска на конгрес ќе ги избира највисоките тела на партијата

А1он

СДСМ утре ќе го одржи 30. Конгрес на кој ќе избере ново раководство