Членките на НАТО го ратификуваат пристапниот Протокол, пред Владата кренато знамето на Алијансата

Од:

Процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО од страна на националните парламенти на земјите-членки на Алијансата веќе почна да добива свој, дури би рекле, забрзан тек.

По ратификацијата во грчкиот Парламент во петокот, Словенија вчера беше втората држава која го ратификуваше Протоколот за НАТО. Најавено е дека во четврток тоа ќе го стори и албанскиот Парламент, а веќе следната недела според бугарската министерка за надворешни работи се очекува тоа да го стори и Бугарија. Најави има дека и Црна Гора наскоро ќе им се приклучи на државите кои ќе го ратификуваат Пристапниот протокол.

Очекувањата се дека процесот на ратификација треба да заврши за една година поточно до крајот на оваа или почетокот на идната година.

Ратификацијата следи откако на 6 февруари во Брисел, во присуство на министерот за надворешни работи Никола Димитров, беше потпишан Протоколот од страна на амбасадорите на земјите-членки на Алијансата.

И додека во парламентите на земјите-членки на Алијансата тече процесот на ратификација, во Македонија вчера беше кренато знамето на НАТО пред зградата на македонската Влада.

Во обраќањето пред присутните, премиерот Зоран Заев рече дека државата е на вистинскиот пат кон прогрес и непречен развој и оти со својата мирољубива политика ќе докажеме дека членството во НАТО е најдоброто решение за стабилноста на државата и за стабилноста на регионот.

„Успеавме од споредниот балкански колосек на кој чекавме со децении, да се вративме на главниот автопат кон Европа. Во периодот што следува ќе бидеме директни учесници во најзначајниот период од осамостојувањето на државата во кој сами ќе одлучуваме за нашата иднина,“ истакна Заев.

Порача дека без оглед што станува збор за настан од историско значање, сепак, треба да се гази цврсто на земја и оти треба да ги забрзаме историските процеси и да се посветиме на членството во Европската унија.

„Тоа значи да ги средиме односите во нашиот дом, во нашето семејство, во нашата татковина, да функционираме како систем и како општество. Правда и нула толеранција за корупцијата. Во институциите нема место за оние кои со своето работење ја изневеруваат довербата за лични интереси и привилегии, корумпираните ќе се соочат со одговорност. Поткуп, личните интереси и привилегии нема да бидат начин на кој се води бизнисот во нашата земја. Секој мора да ги следи правилата“, нагласи Заев.

Патот кон НАТО се отвори откако Македонија и Грција го решија повеќедеценискиот спор околу името. Согласно Договорот од Преспа, Македонија треба да го промени името во „Северна Република Македонија“.

Би можело да ве интересира

Од 1 јули ќе се издаваат пасоши со името Република Северна Македонија, предложени законските измени

Жарко Настоски

Ѓилас: ЕУ мижи пред случувањата во Србија

Потребни се млади стручни кадри, дуалното образование важно за успешна економија

Во декември 40,6 илјади туристи ја посетиле земјава, најмногу во Скопје

ВИДЕО: Поддршка од Полска за ЕУ и НАТО

Состанок на Заедничкиот експертски комитет за отворање граничен премин во областа на Преспанското Езеро

Драган Поповски