Синдикатот за администрација и државна управа на Македонија (САДУ) денеска обвини дека се вршеле неправилности при оценување на вработените во Агенцијата за катастар на недвижности, повикувајќи се на поплаки од вработени во Катастарот испратени до Синдикалната организација на катастарски службеници (СОКС).
За случајот СОКС веќе побарале вонреден инспекциски надзор до Државен управен инспекторат на Македонија, а ги известиле и Агенцијата за администрација и Министерството за информатичко општество и администрација.
– До нашата синдикална организација пристигнаа поплаки од страна на вработени во горенаведената институција и тоа дека во период од неполни два месеца на голем дел од вработените им биле поделени два обрасци за оценување, еден во декември 2018 кога биле оценети со оценка пет од страна на непосредно претпоставениот административен службеник и втор од 04.02.2019 година со кој се оценети со оценка четири. Од страна на непосредно поставените административни службеници вработените биле известени дека промена на оценките е направена врз основа на интерна наредба изготвена од страна на високо раководни стручни кадри од областа на човечки ресурси при Агенција за катастар на недвижности и истата е потпишана од директорот на институцијата. Наредбата била донесена на 01.02.2019 година (петок) и после 14 часот била дистрибуирана до раководителите, соопшти САДУ.
Во текот на менување на оценките од страна на раководителите во ЕРП системот на Агенцијата, стои во соопштението, утврдено е дека за некои вработени оценките (5) биле заклучени во ЕРП системот, односно не можело да бидат променети. Тоа се вработени кои почнувајќи од 20.12.2018 година биле унапредени по пат на интерен оглас, а во наредбата никаде не пишува дека тие вработени се изземени од наредбата. Согласно кажувањата на вработените некаде околу 200 нови образци биле изготвени и поделени, значи за некаде отприлика 25 проценти од вработените.
Синдикатот на администрацијата и државната управа тврди и дека првпат оваа година во Агенција за катастар на недвижности е донесена одлука од Управниот одбор за исплата на награда за вработените кои ќе бидат оценети со годишна оценка 5 за 2018 година. Тоа, како што тврдат, предизвикало негодување кај вработените, од причина што и во други календарски години оценувањето било спроведено врз основа на одредбите на истите законски прописи, со висок просек на оценки, но никогаш на ниту еден вработен не била исплатена награда врз основа на одредбите на Законот за административни службеници, односно подзаконските прописи.