Шекеринска и Крстичевиќ: Утрешното потпишување на Протоколот за НАТО во Брисел е историски успех на Македонија

Од:

Хрватскиот заменик-премиер и министер за одбрана Дамир Крстичевиќ, кој престојува во посета на земјава, како историски успех за Македонија го означи утрешното потпишување на Протколот за пристапување во НАТО од страна на земјите членки во Брисел.

Со потпишувањето на Протоколот, истакна тој на заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на Македонија и се овозможува продолжување на евроатлантските интеграции, идното членство и во НАТО и во Европската унија.

Тој изрази задоволство што токму оваа недела е во Скопје кога се случува овој историски момент за Македонија и додаде дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува земјата на европскиот и евроатлантскиот пат со пружање на сето хрватско знаење и искуство. Потсети дека хрватската Амбасада во Скопје во 2017 и 2018 година беше контакт со структурите на НАТО во целиот процес што Македонија го реализираше во тој период, меѓу кои беа и претпристапните разговори.

– Хрватска и Македонија се пријателски земји, имаат извонредна одбранбена соработка, земјите се заедно во А5-иницијативата во рамките на која имаат извонредна соработка и заеднички подготовки на нашите војници за учество во мировни мисии, изјави Крстичевиќ.

Тој им честита на Македонија и Грција за Договорот од Преспа и за тоа што успеале да решат еден толку тежок спор.

Министерката Шекеринска изрази задоволство што токму во овој момент пред утрешното потпишување хрватскиот министер за одбрана доаѓа во посета на Македонија.

– Колегата Крстичевиќ има одличен тајминг. Пред една и пол година првпат се сретнавме за да им честитаме на нашите црногорски колеги за членство во НАТО и тогаш и од него и од другите министри за одбрана во регионот ја добив истата порака дека ја очекуваат Македонија како следна. Но, пред една и пол година беше тешко да се биде оптимист. Имаше премногу причини да сметаме дека по една изгубена декада работите ќе одат тешко, рече Шекеринска и додаде дека Хрватска во тој период и дала голема поддршка на Македонија и во воена и во политичка смисла.

Шекеринска изрази очекување дека Хрватска многу брзо ќе го поддржи со ратификација членството на Македонија во Алијансата.

Таа посочи дека на примерот на Хрватска се видело колку членството во НАТО позитивно влијае не само врз безбедноста, туку и врз сите политички процеси, но и врз интегрирањето во ЕУ.

Министерката за одбрана додаде дека наскоро повторно ќе се сретне со нејзиниот колега Крстичевиќ, но овој пат во Брисел, следната недела, кога по потпишувањето на Протоколот првпат македонски министер ќе седне на иста маса со останатите земји членки, во рамки на состанокот на министрите за одбрана на државите од Алијансата.

– Колега Дамир се гледаме наскоро во НАТО. Ќе ми биде задоволство следната наша средба да биде во Брисел на првото официјално учество на еден министер за одбрана од Република Македонија, која во тој момент ќе биде и Република Северна Македонија на состанок со сите министри за одбрана на НАТО-Алијансата, посочи Шекеринска.

Двајцата министри како исклучително плодна ја оценија соработката во одбраната меѓу двете земји, а Шекеринска напомена дека таа соработка не се одвива само во рамки на процесот на приклучување на Македонија во НАТО, туку се развива и во други насоки.

Дамир Крстичевиќ посочи дека ќе продолжи соработката во однос на обуката и образованието на македонски војници на Хрватската воена академија, а Хрватска ќе ги пренесе своите искуства и во процесот на преструктурирање на АРМ и Министерството за одбрана. Македонија и Хрватска ќе ја зајакнат соработката и во активности за вклучување на војската за справување со елементарни непогоди, но и во соработката меѓу специјалните сили.

Крстичевиќ за време на престојот во Македонија ќе ги посети специјалните сили на АРМ, ќе се запознае со нивната работа и ќе ги пренесе хрватските искуства во таа насока.

– Хрватската војска е подготвена да помогне околу реорганизацијата, опремувањето и обучување на групите за специјални копнени операции, рече Крстичевиќ.

Истакна оти Хрватска има развиена воена индустрија и е подготвена на Македонија да и ги пренесе своите искуства во таа сфера.

Би можело да ве интересира

Адмирал на НАТО до претприемачите: Подгответе воено сценарио

НАТО: Се подготвуваме за „прецизни удари“ ако дојде до војна помеѓу нас и Русија

НАТО соопшти за што разговарале Руте и Трамп

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Мицкоски: Немавме никаква дилема да ја поддржиме Шекеринска, и се јавив уште вчера

Катерина Ѓуровски