Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска од собраниската говорница порача дека мора да се спроведе ветинг систем во полицијата. Се планира донесување на посебен закон за ветинг и формирање на комисии на три нивоа, а ќе се анализираат три аспекти на вработените – професионалното досие, имотната состојба и интегритетот.
– Постојат сериозни индиции дека некои од полицајците, командирите и началниците имаат зголемен имот повеќекратно што го немаат ниту бизнисмени кои по 20 години имаат бизниси во Македонија. Тука го гледам интересот зошто е многу атрактивно да бидете дел од македонската полиција, па на оглас за 30 вработени се јавуваат 3.000. Веројатно мотивацијата се овие луѓе кои ги гледаат во секојдневнието, истакна Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање.
Додаде дека клучните причини поради кои мора да се спроведе овој процес се откривањето на повеќе од 50-тина случаи со фалсификувани дипломи на полициски службеници од кои некои работеле и на раководни функции, како и поради бројот на сторители на кривични дела на вработени во МВР.
– Процесот на ветинг заслужува сериозно внимание и посветено работиме на него. Веќе започнавме да правиме целосна анализа на состојбите заедно со ОБСЕ и ги анализираме европските практики. Сакаме да ги согледаме сите можни аспекти при спроведувањето на овој систем. Целта е овој процес да биде инклузивен и транспарентен, рече Спасовски.
Во однос на комисиите кои ќе бидат вклучени во овој процес, Спасовски појасни дека е планирано да има една надворешна комисија надвор од рамките на МВР, една централна, внатрешна во МВР, како и комисија во рамки на секторите за внатрешни работи.