Очекувам во најкраток рок да се донесе наредба за спроведување на истрага и за организаторите на настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РМ, а кои ќе бидат тие, ќе видите кога ќе ја изготвиме наредбата, изјави обвинителката Вилма Рускоска, прашана дали ќе покрене ново обвинение против Никола Груевски, кого го спомена во завршните зборови денеска пред судот.
– Сметам дека, сепак, треба да се стрпите да се донесе наредба за истрага, нагласи Рускоска.
Прашана до каде е истрагата за бегството на екс премиерот Никола Груевски, Рускоска, рече дека не била во државата и дури синоќа се вратила.
– Не успеав денеска поради завршните зборови да се видам со колегата кој постапува по предметот, така што не сум запознаена што друго превземал во овој период додека бев отсутна и дали и што има нешто ново. Само сакам на јавноста да и потенцирам дека меѓународна правна помош од Република Албанија е побарана во исто време кога е побарана и меѓународната правна помош од Република Црна Гора. Колегите од Црна Гора постапија и Вие знаете дека ни ги доставија сите барани докази, а од кои причини не е постапено од страна на одговорните лица во Република Албанија не ми е познато, изјави Рускоска.
Обвинителката, на прашање од новинарите, потврди дека го има Груевски на снимките во Црна Гора, како што бил во возило со двајца унгарски дипломати.