Мицевски: Димитров го урна угледот на државата, постапуваше на дрзок и препотентен начин

Од:

Во Собранието започна постапката за интерпелација на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, поднесена од 33 пратеници на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на тоа зошто треба да поднесе оставка министерот Димитров, образложи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тој зборуваше за штетните договори со Грција и Бугарија што Димитров ги склучил, на штета на македонскиот идентитет, јазик и култура.

„Никола Димитров ја извршуваше работата несовесно, нетранспарентно и нестручно. Го урна угледот на државата. Постапуваше на еден дрзок и препотентен начин. Од 2017 година Македонија доживува само порази. Дури и народот го нарече искомплексиран, а ниту тој ниту Владата не се извинија за неговата навреда. Ги направи сите штетни компромиси за Македонија. На крајот излезе со предлог дури за промена на Уставот за кој бараше поддршка и инклузивност од нас како опозиција. За нас тоа не е прифатливо. Ваков договор можеше да склучи било кој министер и било која Влада“ рече Мицевски.

На обвинувањата, од собраниската говорница министерот Димитров, своите постапки ги оцени како победнички за дипломатијата, затоа што според него биле решени децениски спорови во кои Македонија не изгубила ништо.

„Нема да го повторувам она што сум го образложил во јавноста, но ќе кажам дека вистината е на наша страна. Ние бевме на еден залутан пат на антиквизација и беше тешко да го пробиеме тој пат. Битката за македонскиот идентитет стана проблем токму поради ова, односно кој има поголемо право на Александар Македонски. Дали идентитетот е гипс и бетон кој го постави претходната власт, таа вистина треба да ја прифатиме“ истакна Димитров.

Дебатата за интерпелацијата може да трае најмногу 24 часа, а се очекува да се изгласа до полноќ. За дебата се пријавени околу 20 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Габриела Димковиќ-Мишевска

Би можело да ве интересира

Собранието ги усвои двата закони за заеми кај Светската банка

Манасиевски: Тоа што не се донесе Изборниот законик е показател за тоа дека СДС, Левица и ДУИ, кога имаат можност ќе го блокираат напредокот на државата

СДСМ: Над два милиони евра завршиле кај „Маратон“ и уште една фирма блиска до ВМРО

Опозициските пратеници ја напуштија седницата за реконструкција на Владата, Гаши даде нова едночасовна пауза

Собранието ќе избира нови членови на Владата

А1он

Манасиевски: Опозицијата не се бори за подобар Изборен законик, туку за да нема Изборен законик