FIN Project – beats & ornaments (Фин проект – тактови и украси) е насловот на новиот, втор по ред албум на Никола Стојковски, во коавторство со Флоријан Наумов.
Промоторот на албумот, кој носи поднаслов „Inside Macedonia/Македонија од внатре„, Александар Темков на денешната прес-конференција посочи оти станува збор за дело на новите модерни музики кои се издаваа во последните години, а претставува спој на современата ритмика, која наоѓа инспирација во традицијата.
– Тактовите се всушност прогресивниот ритам на прогресивниот хаос, а украсите се лириката, текстуалноста и музичкиот амбиент кој се зема од традицијата и од народната музика, рече Темков.
Преслушувајќи го албумот чиј наслов FIN Project ги обединува иницијалите на Флориан и на Никола кои го создадоа овој проект, Темков посочи оти албумот нуди соничен, амбиентален хаос и не станува збор за ремикс на познати песни туку повеќе личи на еден диск џокејски микс.
Стојковски, кој е автор на аранжамните и продуцент на албумот, за мотивите за ова ЦД кое претставува музичка фузија, рече дека е спој на она што го носел во себе слушајќи ги своите музички идоли и на неговиот личен уметнички интерес. Инаку, на публиката Стојковски и е познат и како Ди џеј Нино, а негов прв деби албум во стилот на house and progressive звукот е „Mirror“ („Oгледало“) излезе во 2004 година.
Соработници на албумот се Даниел Маневски на кавал, Боби Серафимовски на гитара. Гости се и вокалите Елена Христова која е реномирана пејачка со меѓународна кариера и Теа Богатинова млада талентирана композиторка, студент на ФМУ, која допрва доаѓа на сцената.
Проектот е во издание на Литиум Македонија, а е поддржан од Министерството за култура. Албумот е издаден на крајот од 2012 година, а првиот сингл „Јано мори севдалино“ веќе беше број еден на листата на најпопуларни и Топ 10-денс песни на една од домашните радио-станици.