Поради тоа што првиот сведок во случајот „Трезор“ е вработена во УБК на МВР, обвинителот Артан Ајро побара, а судот дозволи, јавноста да биде исклучена.
Судијката, Џенета Бектовиќ, образложи дека тоа е поради опасност од издавање службена тајна.
Рочиштето за „Трезор“ е во фаза на доказна постапка.
Обвинети во случајот „Трезор“ се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началникот на Петтата управа, Горан Грујовски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, и поранешниот помошник-министер во МВР и член на Управниот одбор на „Телеком“, Небојша Стајковиќ.
Според обвинението, обвинетите Мијалков, Јакимовски и Грујовски во 2010 година договориле набавка на опрема за пресретнување на комуникациите и обука за користење на опремата за потребите на Петтата управа. Но, наместо набавката да оди директно преку Министерството, обвинетите ја вклучиле и компанијата „Финзи“ како застапник на МВР.
Фирмата „Финзи“, кога ја презела набавката, увозот на опремата го фактурирала по двојно поскапа цена. Набавката на опремата е направена во 2010 година, а фирмата „Финзи“ ДООЕЛ е формирана кон крајот на 2009 година.
Васко Маглешов