Специјалното јавно обвинителство отворило предистражна постапка за злоупотреба на службената положба и овластување по кривичната пријава која ја поднесе СВР Пробиштип до ова обвинителство, потврдија од таму за „Макфакс“.
Ова е редок случај МВР да поднесува кривични пријави до СЈО, со оглед на фактот дека специјалното јавно обвинителство работи според содржината од прислушуваните материјали. Миланов е актуелен пратеник во Собранието.
Станува збор за кривична пријава која МВР во октомври лани ја поднесе до СЈО против 70 годишниот кратовец, Стојан Миланов, како директор на Јавното претпријатие хидросистем „Злетовица“ од Пробиштип“.
Според пријавата на МВР, во текот на 2012 година пријавениот, како директор на хидросистемот „Злетовица“, преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство иницирал постапка за јавна набавка за градежни активности во наведеното јавно претпријатие, без претходно изготвена проектна документација и одобрение за градба.
Тогашен министер за земјоделство шумарство и водостопанство беше неговиот сопартиец, Љупчо Димовски. За изведувач на градежните активности тогаш била избрана фирма од Кочани која, според пријавата на МВР, се стекнала со противправна имотна корист од 13.150.062 денари.
Васко Маглешов