Како ќе се избираат членовите на Антикорупциската комисија?

Од:

Моќна, непартиска и енергична комисија, која ќе води ефикасна борба против корупцијата. Тоа е целта на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, кој како предлог на Владата со европско знаменце денеска е на собраниска седница.

Решенијата предизвикаа силни реакции, а ВМРО-ДПМНЕ се спротивстави со образложение дека Антикорупциската комисија ќе се претвори во истражен орган со концентрирана моќ и дека веќе се знае кој треба да стане нејзин член.

Државната комисија ќе биде составена од претседател и шест членови, иако препорака на Европската комисија е вкупниот број да се намали на 5.

Новите антикорупционери ќе имаат пристап до банкарски сметки, ќе имаат пристап до различни бази на податоци кои досега им биле затворени. Ќе можат да истражувааат можности за корупција кај поединци, но и финансирањето на политичките партии, што за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо. Комисијата ќе има право да покренува иницијатива за поведување постапка за кривично гонење во предметите по кои постапува. Во вршење на своите надлежности Државната комисија има пристап до бази на податоци кои се водат во други органи и институции, при што има директен електронски пристап и користи податоци од базите на податоци, без надомест од: Министерство за внатрешни работи, Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Фонд за здравствено осигурување на Македонија, Управа за јавни приходи, Агенција за вработувањ, Агенција за катастар на недвижности, .Централен депозитар за хартии од вредност, податоци од единствен регистар на трансакциски сметки- Клириншка куќа „КИБС“ АД Скопје, податоци од кредитно биро, Централен регистар на Република Македонија, Царинска управа, Министерство за правда, Труд и социјална политика, Државен завод за ревизија, Народна банка.

Изострени се критериумите за избор на членови на Комисијата. Кандидатите за претседател и членови треба да имаат високо образование од областа на политичките, комуниколошките или економските науки, за претседател најмалку дванаесет години работно искуство по завршување на високото образование, од кои најмалку осум години работно искуство во областите на откривање или спречување корупцијата, владеење на правото или добро управување, а за член најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование, од кои најмалку шест години работно искуство во областите на откривање или спречување корупцијата, владеење на правото или добро управување, потоа во последните десет години кандидатот да не бил пратеник во Собрание на Република Македонија, член на Владата на Република Македонија, донатор на политичка партија или да не вршел функција во органи на политичка партија.

Постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија започнува со објавување на јавен оглас за избор на претседател и членови на Државната комисија, а ја спроведува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието кое формира Комисија за селекција на кандидатите. Комисијата за селекција е составена од седум членови:

– еден член номиниран од Народниот правобранител на Република Македонија;

– претставникот на здружението односно фондацијата назначен за член во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа Демократија и владеење на правото;

– претставникот на здружението односно фондацијата назначен за член во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа Медиуми и информатичко општество;

– двајца пратеници од власта;

– двајца пратеници од опозицијата.

Кандидатите ќе бидат интервјуирани на јавна седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Кандидатите ќе можат да ги испрашуваат претставници на МАНУ, Интеруниверзитетската конференција, претставници на здруженија на новинари кои се регистрирани повеќе од пет години и од секое здружение или фондација регистрирано согласно закон и со искуство од најмалку пет години во областа на спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување, како и пратениците.

Досегашните антикорупционери одбиваа да ја објават својата имотна состојба и висината на платата. Новиот закон јасно обелоденува дека членовите на Комисијата ќе имаат плата од 87.000 денари, а претседателот 99.000 денари.

Антикорупциската комисија не функционира повеќе од десет месци месеци. Во март месец 2018 година, пет од седумте члена поднесоа оставки заради сомневања во лажирани патни сметки и други малверзации. Се брза да се донесе Законот, Комисијата да биде избрана по новите правила пред распишување на претседателските избори.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште