Земјите од Г20 усвоија конечна декларација во која се критикува војната во Украина

Од:

Групата водечки светски економии Г20 денеска усвои заедничка декларација на крајот од дводневниот самит на Бали, која содржи остра реторика за руската инвазија врз Украина.

Како што пренесе ДПА, и покрај големите разлики, декларацијата беше усвоена од сите земји на Г20, вклучително и Русија.

– Повеќето членови силно ја осудија војната во Украина, се вели во текстот, и покрај првичниот отпор од Москва на таквата референца.

Во текстот рускиот напад врз соседот се нарекува војна, а не „специјална воена операција“, како што бараше рускиот претседател Владимир Путин.

Москва на самитот ја претставуваше министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој веќе си замина од Бали, неколку часа пред да биде усвоена конечната декларација.

Пред самитот, преговарачите не беа сигурни дали групата на земјите во развој и развиените земји ќе успее да договори заедничка декларација, со оглед на нејзините длабоки поделби околу војната во Украина.

Декларацијата упатува на резолуцијата на ОН од март во која се бара „целосно и безусловно повлекување“ на Русија од Украина.

Лидерите на Г20, исто така, издадоа јасно предупредување за нуклеарна војна.

– Употребата или заканата за употреба на нуклеарно оружје е недозволива, се вели во заедничката декларација.

Неодамнешната руска анексија на четири украински региони предизвика загриженост дека Путин би можел да распореди нуклеарно оружје.

Западните држави сепак беа помалку успешни во постигнувањето силен заеднички јазик за енергетската безбедност, која во Европа е загрозена особено поради драстичното намалување на испораките на руска нафта и гас.

Лидерите на Г20 нагласија дека се „длабоко загрижени“ за глобалната безбедност на храната и го поддржуваат продолжувањето на договорот за извоз на жито, чија цел е да се обезбеди испорака од Украина.

Тие ветија дека ќе ги зголемат нивните напори за климатските промени, во услови кога земјите од Г20 се одговорни за 80 проценти од глобалните емисии на јаглерод диоксид.

Членки на Г20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Велика Британија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција и САД, како и Европската унија.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Се појави наводна снимка од рускиот напад на Украина со балистичка ракета

Катерина Ѓуровски

Русија: Новата американска база во Полска долго време е на списокот за потенцијално уништување

Трајна неутралност на Украина, воени ограничувања за Киев, што бара Путин за да договри примирје со Трамп

Ќе загубиме ако САД ја прекинат воената помош вели Зеленски

Катерина Ѓуровски

САД ја затвори амбасадата во Киев: „Добивме информации за потенцијален напад“

Катерина Ѓуровски

Медведев: Можеби старецот Бајден решил да го напушти овој свет и да земе дел од човештвото со себе

Катерина Ѓуровски