Чешкиот претседател Милош Земан ги покани претставниците на четирите победнички сили од Втората светска војна, меѓу нив и рускиот претседател Владимир Путин, во посета на Чешка во јануари идната година, јави дописникот на МИА од Прага.
Земан, како што потврди неговиот Кабинет, ги повикал државниците на одбележување на 70-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор во Аушвиц, Полска.
– Тоа е можност да се потсетиме на жртвите од Холокаустот и ослободувањето на озлогласениот логор на смртта. Не би сакал ова да се поврзува со актуелните надворешни политички прашања, рече портпаролот на Земан, Јиржи Овчачек.
Вчера, повеќе од илјада лица протестираа против Земан, покрај другото и поради неговите проруски ставови во врска со кризата во Украина.
Според Овчачек, нема потврда дали челниците на САД, Русија, Велика Британија и Франција ќе учествуваат на настанот.
– Се работи за меѓународно потсетување на Холокаустот. Во Чешка, ова одбележување е организирано од еврејската организацја, а логично е првите луѓе на државите да ги покани претседателот, додаде Овчачек.
Аушвиц е еден од најголемите нацистички концентрациони логори за масовно уништување, каде за време на Втората светска војна биле депортирани Евреи од цела Европа, од кои повеќето биле убиени. Според различни оценки, во Аушвиц биле убиени или починале од 1,5 до четири милиони лица.