Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинските сили нема да можат да ја вратат контролата врз Крим, додавајќи дека САД нема да треба да испраќаат војници како дел од безбедносните гаранции.
„Вистина е она што го вели Доналд Трамп, американскиот претседател, дека немаме доволно оружје, а не луѓе – за да ја вратиме контролата врз Крим“, рече Зеленски.
Тој посочи дека постои можност за санкции и други економски и дипломатски притисоци врз Русија.
Трамп се стреми да постигне прекин на огнот во Украина што е можно поскоро, додека Киев и европските сојузници инсистираат дека прекинот на огнот и јасноста на безбедносните гаранции за Украина мора да претходат на каков било договор што вклучува територијални разговори, велат извори, според Ал Џезира.
– Разговарав со Трамп за тоа, за нас поентата на заштита не се нужно (војниците) на терен. Знам дека ставот на САД за ова не е многу позитивен – затоа зборуваме за разузнавачки служби, сајбер безбедност и ракети „Патриот“ – рече Зеленски.
Тој исто така истакна дека би сакал да се сретне со Трамп во Ватикан, каде што светските лидери ќе присуствуваат на погребот на папата Франциск.
– Во наредните денови може да се одржат важни состаноци што можат да го приближат прекинот на огнот во Украина. Дипломатијата мора да функционира и ние правиме сè за да ја направиме дипломатијата неопходна и конечно да функционира – нагласи Зеленски.
Американските предлози за примирје вклучуваат признавање на руската анексија на Крим во 2014 година и замрзнување на војната во голема мера по постојните фронтовски линии, оставајќи и на Русија под контрола делови од источна и јужна Украина, додека Киев би морал да се откаже и од својата цел за приклучување кон НАТО.
Трамп вчера изјави дека „Крим ќе остане во Русија“ и ја повика Украина што поскоро да потпише договор за минерали со САД.
Во текот на изминатата ноќ, борбите по фронтовските линии во Украина не престанаа.