Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер ги обвини европските институции дека доведуваат во опасност животи на луѓе со нивниот бескомпромисен пристап кон Британија во рамки на преговорите за безбедносните елементи на британското излегување од ЕУ.
Зехофер, кој штотуку имаше сериозен конфликт со канцеларката Ангела Меркел околу прашањето на мигрантите, упати писмо до Европската комисија во кое бара безбедноста на граѓаните на ЕУ да биде ставена над сите други политички фактори при тешките преговори меѓу Брисел и Лондон за идните односи на ЕУ и Британија. Британија ја обвинува ЕУ дека сака да го спушти нивото на безбедносна соработка и размена на информации по Брегзит, што, според Лондон, ќе предизвика опасност по граѓаните и на Британија и на ЕУ.
– Ослабнувањето на европската безбедносна архитектура ќе ги загрози сите граѓани на ЕУ и ќе ги поткопа нивните основни потреби за сигурност. Заканата од тероризмот останува постојано присатна и ние мораме да имаме неограничена соработка и во иднина, пишува во писмото на Зехофер до Комисијата, во кое тој ги поддржува позициите на британската Влада.