Белгиските специјални единици, кои од претпладнево беа распоредени во бриселскиот кварт Моленбек, ја завршија својата рација што беше насочена кон приведување на Салех Абдесалам, учесник во париските атентати.
Засега не се соопштува за резултатот од акцијата, а медиумите нагаѓаат дека Абдесалам останува на слобода.
Во операцијата на полициските сили има еден приведен, чиј идентитет се уште е непознат.
Во текот на полициската рација во Моленбек одекнале две помали експлозии.
Десетици маскирани и вооружени специјалци го блокираа поширокото подрачје на кое се сомневаше дека се крие Абдеслам, а граѓаните беа замолени да се засолнат во своите станови, пренесоа француските медиуми.
Полиција одби да открие повеќе детали за тоа што може да биде причина за експлозиите.
За Абдесалам беше соопштено дека го изнајмил автомобилот што беше употребен за нападот врз концертната сала „Батаклан“ во француската престолнина. Телевизијата РТЛ прецизира дека тој бил во екипата што отворила оган врз неколку ноќни клубови во Париз.
Весникот „Дерниер јор“ информира дека Абдесалам е француски државјнаин кој е роден и израснат во Моленбек, и дека од детството бил пријател со „мозокот“ на петочните напади во Париз, Абделхамид Адауд. Абдесалам работел во депо на градскиот транспорт во Брисел.
Во петочните напади учествувал и братот на Салех, Ибрахим, кој се разнел на булеварот „Волтер“. Третиот брат, Мохамед, во саботата беше приведен во Брисел, а денеска беш ослободен, без да му биде покренато обвинение, затоа што имал добро алиби.
Полицијата попладнево информира дека денеска имало лажен аларм за бомба во реонот на институциите на ЕУ во Брисел.