Вкупно 1.425 илегални мигранти биле пресретнати во водите на Средоземното Море во средата и четвртокот, при обид да стигнат до бреговите на Европа, по што биле вратени во Либија, соопшти синоќа портпаролот на либиската Воена морнарица, Ајуб Гасем.
Гасем изјави дека вкупно 1.050 илегални мигранти со седум гумени чамци во средата биле пресретнати од бродови на европската контролна мисија и вратени во Либија.
Според него, станува збор пред се за мигранти по потекло до земјите од Подсахарска Африка, меѓу кои околу една третина биле жени и деца.
Во четвртокот пак биле пресретнати два гумени чамци со 300 мигранти и уште две дрвени бротчиња со вкупно 75 лица.
Сите илегални мигранти биле пресретнати во близина на западниот либиски град Сабрата, кој нејчесто се користи за испловување на бродови и чамци со бегалци кон Италија.
Според податоците на Меѓународната агенција за миграции (ИОМ), од почетокот на годинава во Италија по морски пат пристигнале над 120.000 мигранти.