Врховниот суд на Либија денеска донесе одлука за распуштање на Парламентот, кој е избран на 25 јуни и признат од меѓународната заедница.
Група од 12 пратеника, лојални на исламистите, поднеле барање седниците на Парламентот, кој работи во градот Тобрук, да се прогласат за неуставни. Главниот аргумент на овие пратеници, кои ја бојкотираат работата на Претставничкиот дом, е фактот што пратениците положиле заклетва во Тобрук, а не во Триполи или Бенгази. Според нив, парламентарните активности не можат да се сметаат за легитимни, бидејќи се спротивни на Уставот.
Исламистичките пратеници, исто така, го обвинуваат Парламентот дека ги надминал своите овластувања, кога во август побарал странска интервенција во Либија за заштита на цивилното население откако главниот град бил преземен од исламистичкиот сојуз „Либиска зора“.
Либискиот Парламент, во кој мнозинството пратеници се антиисламисти, донесе одлука да заседава во градот Тобрук поради безбедноста која не може да им биде гарантирана во Бенгази.