Вооружена група напаѓачи убија 15 либиски војници кај контролниот пункт во близината на градот Бани Валид, соопштија властите во либискиот главен град.
Бани Валид е град југоисточно од Триполи кој беше силно упориште на приврзаниците на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи. Засега нема сознанија дали тоа е поврзано со денешниот напад, како што и не е познато кои се напаѓачите и кој дал наредба за убивање на војниците.
Во соопштението на либиските власти се вели дека во текот на нападот уште десетина други војници се полесно и потешко повредени.
Војниците на конролниот пункт биле нападнати од група луѓе која дошла со возила на кои имало поставено митралези.
Претставник на војската на Либија соопшти дека уште петмина други војници се ранети во нападот што беше извршен во областа Вишита.
Две години по соборувањето и ликвидацијата на Гадафи, Владата во Триполи се уште не може да обезбеди силна централна власт, ниту да воспостави контрола врз целата територија на земјата. Владата признава дека е немоќна да се справи со разните вооружени милиции кои честопати војуваат меѓусебе или вршат напади врз владините институции и странските дипломатски мисии.