Ширењето на епидемијата во Чешка е забавено поради што министерот за здравство Адам Војтех изјави дека е сигурен оти земјата спречила неконтролиран скок на заболени и најави намалување на карантинските мерки.
Во Чешка се регистрирани повеќе од 5.000 случаи на заразени со коронавирус.
Чешкото Министерство за здравство денеска соопшти дека во последните 24 часа во оваа земја се пријавени 195 новозаразени и дека вкупниот број во моментов е 5.017. Претходниот ден, бројот на новозаразени во Чешка беше 235.
Министерот Војтех рече дека податоците покажуваат дека Чешка го спречи неконтролираното ширење на вирусот и дека најлошото сценарио помина.
Чешката Република беше една од првите европски земји што воведе мерки за борба против Ковид-19 кога вирусот почна да се шири низ целиот континент. Таа беше меѓу првите во Европа што прогласи вонредна состојба, ги затвори границите, училиштата, голем број фабрики, повеќето продавници и ресторани и го ограничи движењето на луѓето.
Парламентот на Чешка вчера усвои одлука за продолжување на вонредната состојба до 30 април.