Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса, денеска замина со авион на саудиска авиокомпанија за Сингапур.
Потоа оди во Џеда во Саудиска Арабија, изјавија претставници на Малдиви за АП.
Тие ја дале оваа информација под услов нивниот идентитет да не биде откриен, со образложение дека станува збор за чувствително прашање, наведува американската агенција.
Раџапакса, кој вчера побегна на Малдиви, денеска беше на пат за Сингапур и се очекува да пристигне таму, пренесе „Ројтерс“, цитирајќи извор од владата на Шри Ланка.
Раџапакса вчера телефонски го известил претседателот на парламентот Махинда Јапа Абејвардена дека неговата оставка ќе биде испратена подоцна во текот на денот, кога тој и неговата сопруга побегнале од земјата на Малдивите, само неколку часа пред моментот кога требало да поднесе оставка, потврдија од воздухопловните сили на земјата.
Премиерот на Шри Ланка Ранил Викремесинг прогласи вчера вонредна состојба за целата земја и полициски час во некои делови, по бегството на Раџапакса, во време на масовни протести поради економската криза на островот.
Војската на Шри Ланка денеска ја обезбедува зградата на парламентот за да ги спречи демонстрантите да ја преземат.
Војници во зелени воени униформи и маскирни елеци пристигнаа со оклопни транспортери во зградата на парламентот, очекувајќи нови протести, откако групата се обиде да упадне на влезот претходниот ден, судејќи се со полицијата која употреби солзавец и палки, пренесува АП.