Во Кривичниот суд во Ватикан денеска почна судски процес против двајца свештеници, од кои едниот е обвинет за сексуално злоставување на момче кое и помагало на црквата, додека вториот ќе одговара за прикривање на делото.
Обвинувањата денеска беа гласно прочитани во судницата, што е првпат Ватикан детално да го опише случајот против свештениците, од кои едниот бил постар студент на богословијата за време на злоупотребата што го опфаќа периодот од 2007 до 2012 година, додека вториот бил ректор на семинаријата за млади.
Инцидентот се случил во палатата „Свети Пие X’“, во рамките на Ватикан, наспроти местото во кое живее поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
Семинаријата, водена од религиозното здружение „Комо“, служи како живеалиште за момчиња на возраст од 12 до 18 години, кои помагаат за време на мисите на папата во црквата „Свети Петар“.
Според обвинението, Габриеле Мартинели (28) е обвинет дека ги злоупотребил овластувањата на повисок претставник на семинаријата со тоа што ја принудувал помладата жртва на „телесни дела“ содомија и мастурбација, со употреба на насилство и закани.
Поранешниот ректор, Енрико Радиче, пак, е обвинет дека му помогнал на Мартинели да ја избегне истрагата, тврдејќи дека обвинувањата на жртвата биле неосновани, а на ватиканските обвинители им кажал дека не знае за сексуално злоставување во палатата.
Мартинели и Радиче денеска се изјаснија за невини по обвинението.
Следното рочиште е закажано за 27 октомври.