Помалиот брат на напаѓачот од Манчестер, Хашем Абеди е уапсен во Триполи под сомнеж за поврзаност со џихадистичката група Исламска држава, изјави портпаролот на либиските сили за борба против тероризмот, Ахмед Бин Салем.
– Хашем, кој е роден во 1997 година, е уапсен синоќа од силите „Рада“, истакна Бин Салем.
Претходно, нивниот татко Рамадан Абеди изјавил дека неговиот 22-годишен син Салман, кој е осомничен за извршениот напад во Манчестер, не бил поврзан со исламисти и немал ништо заедничко со нападот во „Манчестер арената“, во кој загинаа 22 лица, а над 100 се повредени.
– Ние не веруваме во убивање на невини луѓе. Не сме такви, истакнал Рамадан, кој тврди дека разговарал со Салман пред пет дена и дека тој му звучел сосема нормално и се подготвувал да ја посети Саудиска Арабија, од каде планирал да дојде во Либија, за да биде заедно со семејството за време на светиот месец Рамазан.
Рамадан Абеди побегнал во 1993 година од Триполи, откако безбедносните сили на режимот на Муамер Гадафи издале наредба за негово апсење. Подоцна тој побарал политички азил во Велика Британија. Рамадан моментно раководи со Централната управа на безбедносните сили во Триполи.
Поранешниот висок претставник на либиските безбедносни сили, Абдел Басит Харун изјави денеска дека Рамадан наводно бил член на либискиот огранок на Ал Каеда. Тој тврди дека лично го познавал таткото на бомбашот самоубиец од Манчестер и дека Рамадан бил член на Салафи џихади движењето, кое е најекстремен дел на селафистите, од кои се создадени Ал Каеда и ИД. Според него, Абеди, познат под името Абу Исмаил, се вратил во либискиот град Триполи.
Британската полиција трага по соучесници, кои можеби му помогнале на Салман да ја изработи бомбата, со која го изврши нападот во понеделникот за време на концертот во Манчестер.
– Прашање е дали дејствувал сам или бил дел од мрежа со други луѓе, кои сакаат да извршуваат убиства. Врз тоа е насочена истрагата. Загрижувачки е што може да има и други луѓе, кои му помогнале да ја направи бомбата. Изработката на ваков вид бомба бара посебно ниво на стручност и компетентност, тврдат анонимни полициски извори.