Најмалку шест либиски војници загинаа утрово во судири меѓу припадници на специјалните сили и вооружена група во пристанишниот град Бенгази, во источниот дел на Либија, соопшти војската.
Истрели и експлозии одекнувале во раните утрински часови од седиштето на специјалните сили, кое се наоѓа во близина на центарот на Бенгази.
На Фејсбук профилот на специјалните сили е објавено дека припадниците на војската се судриле со „криминална група“, нагласувајќи дека тие загинале „бранејќи го храбро и чесно легитимитетот на државата“.
Судирот започна само неколку часови откако синоќа десетици демонстранти ја протерале бригадата на поранешни бунтовнички борци од нивната база во Бенгази. Демонстрантите запалиле две возила на Првата пешадиска бригада, која учествувала во соборувањето на либискиот лидер Моамер Гадафи.
По овој напад се огласи вршителот на должност шеф на либиската армија Салем ал-Кониди, предупредувајќи на „опасност од крвопролевање“, бидејќи немирите во градот започнале да се зголемуваат по минатонеделните судири во кои загинаа повеќе од 30 луѓе.