Во Палатата на Европа во Стразбур, во присутсво на околу илјада млади од сите континенти, меѓу кои и од Македонија, денеска свечено беше отворен Светскиот форум за демократија.
Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, на отворањето на форумот на учесниците меѓу останатите им се обратија норвешкиот премиер Ерна Солберг, француската министерка за образование, високо образование и истражување Наџат Вало-Белкакем, генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд и градоначалникот на Стразбур, Роланд Рис.
Годинашниов форум се одвива на тема „Демократијата и еднаквоста: Што може да направи образованието“.
Како може кај младите да се поттикне желбата да дејствуваат како бранители на слободата и чувари на човековите права? Дали во образовниот систем тие имаат соодветни алатки за да учат да ја ценат разновидноста или пак со него се зацврстуваат социјалните и културните поделби? Во ерата на социјалните медиуми, кои сепак се многу малку филтрирани, дали државите треба да земат активно учество во борбата против пропагандата и борба против екстремистите, кои се обидуваат да ги радикализираат младите умови?, се прашања на кои учесниците на Форумот ќе се обидат да дадат одговори,
На форумот учествуваат интелектуалци, политичари, експерти и млади кои ќе говорат на две главни теми: „Граѓанство, демократија и образование“ и „Образованието ги намалува нееднаквостите: успех или неуспех?“
Двете главни теми се подделени на 19 работилници на идеи за решавање на предизвиците во различни форми и за претставување некои мерки со што ќе се помогне да се најде демократски одговор на проблемите.
Организатор на Форумот, кој ќе трае до 9 ноември, е Советот на Европа, во соработка со Градот Стразбур, источниот француски регион Гранд и Владата на Франција.
Паралелно со овој собир, од 3 ноември во Стразбур започна и „Ин-форум“ во чии рамки се организирани бројни работилници, концерти, дебати и филмски проекции.