Најмалку шест ученици се повредени во земјотресот со јачина од 6,0 степени кој ги погоди индонезискиот остров Јава и главниот град на земјата, Џакарта. Средношколците претрпеле сериозни повреди кога се урнал покрив од училишна зграда во Западна Јава, соопшти Националната агенција за катастрофи.
Земјотресот оштетил стотици куќи, вклучувајќи и неколку болници и џамии. Службени лица сé уште ја проценуваат материјална штета.
Епицентарот се случил во морето западно од островот Јава, 153 километри југозападно од Џакарта, а жариштето било на 43 километри под површината на Земјата. Во Џакарта земјотресот тресел згради цели 20 секунди, а на некои места била наредена евакуација на жителите.
Локалните телевизии емитуваа снимка што покажува како купувачи и работници во паника бегаат од трговски објект во центарот на Џакарта. Според информациите, голем број куќи се оштетени во Западна Јава, а многу луѓе побегнале на повисоки места поради опасност од цунами.
Индонезија, која се протега на најголемиот островски архипелаг во светот, се наоѓа во т.н. „огнен појас на Тихиот Океан“, каде често се случуваат земјотреси и вулкански ерупции. Инаку, земјотресите со магнитуда од 6,0 до 6,9 степени се класифицирани како „умерено силни“ и можат да предизвикаат голема штета во населени места. Во светот секоја година во просек се случуваат по 100 земјотреси со ваква јачина.