Во Прага почна судскиот процес против американскиот пејач Ренди Блајт

Од:

Во чешкиот главен град, медиумите со големо внимание го следат судскиот процес против американскиот пејач Ренди Блајт, член на хеви-метал групата „Лемб оф гад“, кој е обвинет за смртта на еден обожавател за време на прашкиот концерт во 2010 година.

Блајт кој пред судот сведочеше дека не сака да избегне одговорност, но во исто време не сака ниту да биде казнет за нешто што не направил, призна дека откако момчето се качило на бината тој го турнал, но наводно го видел како подоцна станува.

Според изјавата на обвинетиот, момчето му додевало и се движело во безбедносната зона која се наоѓа на подиумот меѓу групата и публиката, пренесе дописникот на МИА од Прага.

Фактот дека фанот подоцна починал од повреди на главата, наводно пејачот го дознал дури кога минатата година бил задржан од чешката полиција. Блајт додаде дека претходно не бил контактиран од чешките органи.

Судот го сослуша и тапанарот на групата, кој рече дека качувањето на обожавателите на бината и скокањето во публиката е секојдневна појава на концертите. Тој објасни дека групата не толерира такво однесување и се труди да го спречи тоа.

Одбраната, пуштајќи видео снимки и од други концерти на метал-групата се трудеше да создаде впечаток дека однесувањето на музичарите и публиката е речиси секогаш енергично и полно со емоции.

Фронтменот на „Лемб оф гад“ на судењето дојде во костум со двајца адвокати, еден од САД и еден од Чешка.

Ренди Блајт беше уапсен во јуни минатата година, кога за време на европската турнеја ја посети Чешка. Подоцна беше пуштен со кауција, по што јавноста не очекуваше дека ќе се врати во Чешка за време на судењето. Доколку се докаже делото нанесување телесна повреда со смртна последица, на американскиот пејач му се заканува казна затвор до десет години. Роднините на починатиот побаруваат и отштета во висина од 400.000 евра.

Би можело да ве интересира

Страшна несреќа во Чешка: Повредени се пет лица

(ВИДЕО) Судар на возови во Чешка: четворица мртви, десетици повредени

Катерина Ѓуровски

Чешкиот претседател имаше сообраќајка, пренесен е во болница

(ВИДЕО) Торнадо во Чешка подигна трамболина, а камењата летаа насекаде

Ден на жалост во Чешка

Убиецот од Прага е одговорен за уште две убиства, вели Вондрашек

Горан Наумовски