Маскирани вооружени мажи киднапирале 20 египетски христијани – Копти, во централниот дел на Либија, соопштија денеска очевидци.
– Напаѓачите во либискиот град Сирт влегуваа од соба во соба во една зграда, каде живеат работници, барајќи им лични документи со цел да ги издвојат муслиманите од христијаните, изјави очевидецот Хана Азиз.
Таа потврди дека вооружените мажи им ставиле лисици на рацете на христијаните и ги однеле со автомобили во непознат правец.
Абу Макар, коптски свештеник од Самалут, родното место на работниците во јужниот дел на Египет, исто така, го потврдил нивното киднапирање.
Градот Сирт, кој е родно место на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, станал упориште на екстремистички групи, како што е Ансар ал-Шарија, која се смета за одговорна за нападот врз американскиот конзулат во Бенгази во 2012 година, во кој загина американскиот амбасадор во Либија, Џеј Кристофер Стивенс и уште тројца дипломати на САД.