Во Германија денеска почнува кампања за апсење на последните нацистички злосторници. „Ловот на нацисти“ ќе се спроведуваа под слоганот „Доцна, но не предоцна“.
Во поголемите германски градови од денеска ќе бидат излепени плакати од кампањата. На нив има црно-бела фотографија од влезот во концентрациониот логор „Аушвиц“ на која пишува „Операција последна шанса“.
Кампањата ја организира невладината организација „Центар Симон Визентал“, која секоја година објавува листа на најбараните злосторници од Третиот рајх.
– Милиони невини луѓе беа убиени од нацистичките злосторници. Некои од извршителите се слободни и живи! Помогнете ни да ги изведеме пред судовите, пишува на плакатите на кои има и телефонски број.
Распишана е и награда која може да достигне и до 25.000 евра.
– Веќе немаме многу време, две или три години најмногу, изјави историчарот Ефраим Зуроф, директор на „Центарот Симон Визентал“ во Израел и еден од најпознатите „ловци на нацисти“ во светот.
Операцијата има за цел да открие нови случаи за кои властите не знаеле.
– Се надеваме дека ќе добиеме податоци за луѓе кои работеле во логорите на смртта или служеле во одредите на смртта, наведе Зуроф.
Според него, се уште можат да бидат судени уште 60 луѓе. Тој тврди дека околу 6.000 лица работеле во логорите на смртта во кои загинале околу шест милиони Евреи. Од злосторниците сега се живи околу два проценти, односно околу 120 лица. Половината од нив не можат да бидат судени поради здравствени причини.
Обвинителството во Будимпешта во јуни го обвини 98-годишниот Ласло Чатари, кој учествувал во депортирањето на 12.000 Евреи во концентрационите логори.
Процесот против него почнува во септември. Во Германија на почетокот на месец мај беше уапсен 93 годишниот Ханс Липшис, осомничен за соучество во убиставата на Евреи во Аушвиц, каде бил чувар. Тој тврди дека работел како готвач.
– За 33 години „лов на нацисти“ никогаш не сум видел нацист да каже дека жали. Не гледајте во нив кревки старци, кога биле на врвот на нивната физичка сила целата енергија ја користеле за да убиваат невини мажи и жени, наведе Зуроф.