Истражителите во заедничка акција во Панама и Костарика уапсија 45 осомничени шверцери на луѓе.
-Уапсените биле дел од мрежа што ги носи мигрантите кон САД од јужна Панама, преку Костарика за Никарагва, изјави на прес конференција панамскиот обвинител за организиран криминал, Емелдо Маркез.
„Истрагата траеше една година и доведе до апсење на 24 осомничени во Костарика и 21 во Панама“, рече тој.
Осомничените шверцери, наводно, контактирале со мигрантите во прифатните центри во џунглата Дариен и им нуделе да ги земат со себе. Џунглата на границата меѓу Панама и Колумбија е многу опасна поради тешко пристапниот терен и поради бандите кои се активни во тој регион, пренесува ДПА.
Според Сојузот на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФРК), само од јануари до август годинава, повеќе од 70.000 мигранти ја минале областа кон север, приближно колку во претходните пет години, а најмногу доаѓаат од Хаити или Куба.