Вкупно 507 лица биле жртви на педофилија од претставници на Католичката црква во Белгија, покажа истржаувањето на специјална комисија формирана од страна на Претставничкиот дом на белгискиот Парламент, објави невладината „Човекови права без граници“.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во 2012 година белгискиот Претставнички дом формираше истражна комисија за „сексуалната злоупотреба и педофилија во Католичката црква“, а потоа и Арбитражен центар.
Сведочењата биле собрани како од страна на Арбитражниот центар, како неутрална институција, така и преку 11 лица за контакт во католичките епархии кои се уште има некаква доверба во Црквата.
Според податоците, од 2012 година до јуни 2016 година, Арбитражниот центар идентификувал и отворил 628 случаи и им исплатил три милиони евра на жртвите, од кои 449 лица во фламанската заедница во Белгија, 178 луѓе во франкофонската заедница и на еден човек во заедницата од германското говорно подрачје. Притоа, 121 случаи се отфрлени бидејќи сторителот не бил свештеник или затоа што жртвата веќе била „компензирана“.
Според истражувањето, поголемиот дел од случаит траеле помалку од три години, а понекогаш имало само и само еден случај на злоупотреба. Четири проценти од злоупотребените млади момчиња и десет отсто од младите девојки биле на возраст меѓу осум и 11 година.
Тројца од насилниците говореле француски јазик биле вклучени во три случаи, а еден во четири случаи на злоупотреба. Вкупно 43 проценти од насилниците што говореле француски јазик биле во контакт со нивните жртви на училиште, а 28 отсто во црквата.
Инаку, 67 проценти од жртвите кои поднеле жалба биле на возраст меѓу 50 и 69 години, во 36 отсто од случаите жртвите биле на возраст меѓу осум и 11 години кога за прв пат биле злоупотребувани, а во 44 проценти жртвите биле на возраст меѓу 12 и 15 години кога тие беа првпат злоупотребени. Од нив две третини се однесуваат на машки жртви.
Случаите на малолетни жртви, кога се сторени злоупотребите, се поднесени во четири категории: сексуална злоупотреба со употреба на сила или закани, сексуално малтретирање со употреба на сила или закани, силување и други злоупотреби. Максимална висина на надоместокот по категорија изнесувала 2.500 евра, 5.000 евра, 10.000 евра и 25.000 евра. За самоубиства, најголема можна сума за компензација на роднините изнесувала 7.000 евра.
Белгиската комисија утврдила 507 случаи со финансиски надомест на жртвите, при што во 482 случаи, износот бил договорен преку процес на помирување. Вкупно 1.499.750 евра биле исплатени на 184 жртви на силување, 1.026.251 евра на жртви на сексуално малтретирање со употреба на сила, 51.250 евра биле дадени на жртви на сексуално малтретирање без употреба на сила и 7.000 евра биле исплатени на пет роднините на жртвите кои се самоубиле.
Овие поразителни и шокирачки информации и податоци покажуваат дека скандалот со педофилија и сексуална злоупотреба во Католичката црква, започнат пред неколку години во САД, зел широк замав и се уште не престанува и на европскито континент.