Десет полицајци загинаа, а 28 се повредени за време на антитерористичката операција против групата вооружени напаѓачи врз Домот на печатот во центарот на чеченскиот главен град Грозни, соопшти рускиот Национален антитерористички комитет.
По завршување на операцијата, спроведена од специјалци, лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров изјави дека биле пронајдени и телата на најмалку деветмина од напаѓачите. Според властите, екстремистите планирале серија терористички напади на територијата на Грозни, јави ТАСС.
Зградите на Домот на печатот и на соседното училиште биле целосно разурнати по неколкучасовната борба.
Во соопштението на Комитетот се наведува дека „во полициската акција биле откриени и неутрализирани дел од напаѓачите и било овозможено целосно ликвидирање на главниот состав на бандата, спречено извршување на големи терористички напади и спасен животот на голем број мирни граѓани“.