Владата на Никарагва вчера соопшти дека отворила истрага за перење пари против опозициската потенцијалната претседателска кандидатка Кристијана Шаморо, шест месеци пред новите избори, јави ДПА.
Обвинението против Шаморо, ќерка на поранешната претседателка Виолета Бариос, доаѓа два дена откако владата на претседателот Даниел Ортега го укина правниот статус на опозициската Партија за демократска обнова (ПРД).
Шаморо претендира да го претставува обединетиот опозициски фронт на изборите закажани за ноември, иако се уште не е формално кандидатка.
Министерството за внатрешни работи вчера ја повика Шаморо на распит заради наводни финансиски неправилности во менаџирањето на фондацијата што го носи името на нејзината мајка, во периодот од 2015 до 2019 година. Виолета Бариос беше претседател на Никарагва од 1990 до 1997 година, пренесува ДПА.
Според официјалното соопштение на полицијата, фондацијата, која во февруари мораше да се затвори поради законски ограничувања за финансирање на граѓански организации, „сериозно ги прекршика своите обврски“ и има „јасни знаци на перење пари“.
-Ми се чини дека станува збор за „макабри“ обвинение, дел од монструозноста што овој режим ги изнесува за да ги спречи граѓаните да работат за Никарагва и на крајот да не спречат да гласаме слободно во ноември, изјави Шаморо за локалните медиуми, откако одговори на поканата за распит.
Во меѓувреме, нејзиниот брат, новинарот Карлос Шаморо, изјави дека полицијата упаднала и во канцелариите на весникот „Ел Конфиденсијал“, што тој го раководи, и притоа извршила „незаконски претрес“ во просториите и привела снимател, кого го ослободила седум часа подоцна.
Поранешниот револуционер Даниел Ортега, како претседател владее со Никарагва од 2007 година, а неговата сопруга, Росарио Мурииљо во моментов ја извршува функцијата потпретседател на земјата.
Владата и нејзините приврзаници постојано преземаат мерки против критичарите на власта и независните новинари.