Рускиот претседател Владимир Путин во петокот за време на средбата со американскиот лидер Доналд Трамп во Алјаска се согласи САД да ѝ дадат на Украина „силни безбедносни гаранции“ како дел од потенцијален мировен договор, изјави високиот американски претставник Стив Виткоф.
Тој за CNN изјави дека тоа е голем пресврт и ги опиша безбедносните гаранции како заштита од понатамошна руска инвазија, слична на Член 5 од Договорот за НАТО, според кој напад врз една членка на Алијансата е напад врз сите. Виткоф додаде дека клаузулата е начин да се заобиколи инсистирањето на Русија дека Украина никогаш нема да може да биде примена во НАТО.
„Постигнавме договор дека САД и другите европски земји можат да понудат безбедносни гаранции слични на оние предвидени со Член 5“, рече функционерот, додавајќи дека тоа е прв пат рускиот претседател да се согласи на такво нешто.
Тој истакна дека Путин рекол дека црвената линија е приемот на Украина во НАТО, па затоа се дискутирало под претпоставка дека Украинците можат да го прифатат тоа и да живеат со него, а потоа е постигната отстапка според која САД ќе обезбедат безбедносни гаранции. Виткоф додаде дека како дел од потенцијален мировен договор, Путин се согласил и на правна рамка според која Русија нема да влегува на која било друга територија во Украина или било каде во Европа.
Според Виткоф, за време на самитот со Трамп во Алјаска, Путин направил и отстапки во врска со руското барање за размена на украински територии. Американскиот функционер не сакал да даде детали, но посочил дека Кремљ сега верува дека „размената на територии“ треба да се одвива по сегашните фронтовски линии, а не по административните граници на барем некои од петте региони што Путин долго време ги бара.
„Русите направија некои отстапки на преговарачката маса во врска со сите пет од тие региони“, рече Виткоф, додавајќи дека прашањето ќе биде разгледано со украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета во Овалната соба на Белата куќа утре. Виткоф изрази надеж дека тогаш ќе бидат донесени некои одлуки. Тој додаде дека руската позиција претставува промена во споредба со претходните разговори, но дека таа сè уште не е доволна за целосен мировен договор.
„Значајно е, но не е доволно. Поентата е дека почнавме да гледаме одредена умереност во нивниот начин на размислување за постигнување конечен мировен договор“, истакна Виткоф. Тој посочи дека е постигнат значителен напредок за време на самитот во петокот, што го натера претседателот Трамп да се откаже од своите напори за итно примирје и наместо тоа да работи на унапредување на поширок мировен договор.
Виткоф додаде дека на тој состанок е постигнат голем напредок во однос на другите елементи неопходни за мировен договор.
„Се обидуваме да постигнеме мировен договор што трајно би ги запрел борбите многу брзо, а тоа би било побрзо од примирјето“, рече функционерот. Според Виткоф, руската страна отишла подалеку во омекнувањето на своите позиции отколку за време на претходните преговори.
„За прв пат, гледаме поголемо прилагодување отколку порано, секако повеќе отколку за време на претходната американска администрација“, истакна Витков, заклучувајќи дека ова е охрабрувачко и дека сега мора да се почне од тоа за да се постигне договор за Украина.