Вистински лидери постојат: Џасинда Ардерн челично и со сочувство ја предводи скршената нација

Од:

Гардијан – Лондон

Само неколку часа откако вооружен напаѓач уби 50 луѓе во две џамии во централниот дел на Крајстчрч, премиерката Џасинда Ардерн свика прес-конференција, на која го постави тонот за земјата погодена од тага. Тоа стана пресвртен момент на нејзината лидерска приказна.

Триесет и осумгодишната премиерка беше тестирана како ретко кој лидер на Нов Зеланд, предводејќи ја земјата додека се справува со најлошиот терористички напад во модерната историја на нацијата.

Педесет луѓе загинаа за време на петочната молитва. Десетици повредени. Некогаш мирната нација е во длабок шок. Гласот на Ардерн трепереше додека зборуваше, но нејзината порака за единство и сочувство беше непоколеблива.

-Ти можеби нè избра нас, рече Ардерн, обраќајќи му се на убиецот, со лутина во нејзиниот глас, но, ние целосно го отфрламе тоа и го осудуваме.

Веќе во саботата наутро таа беше на терен во Крајстчрч со повеќето нејзини владини министри и опозициски лидери. Со црна шамија, украсена со злато, премиерката се сретна со членовите на муслиманската заедница погодена од трагедијата. Таа ги држеше во прегратка додека тие липаа, шепотејќи зборови со сочувство и притискајќи го својот образ кон нив. Видеоснимки од овие прегратки го обиколија целиот свет.

Одејќи рака под рака со засегнатите, фокусот на Ардерн беше на тагување и сочувство со погодената заедница. Наводниот убиец Брентон Тарант не ги претставува вредностите и верувањата на Нов Зеланд, рече таа. Едноставно: не сме тие.

-Секојдневниот дискурс на Нов Зеланд по нападите не е омраза и гнев, туку е: можеме ние, можеме да ги залечиме раните, можеме да пребродиме, вели професорката Џенифер Кертин, директорка на Институтот за јавна политика на Универзитетот во Окланд.

-Таа покажа тивко но силно лидерство и беше веднаш многу фокусирана на грижата за луѓето кои се најмногу погодени. Убиецот едвај беше спомнат.

Пол Бјукенан, експерт за безбедност за „36-та паралела“, вели дека силата на Ардерн била нејзината емпатија и таа „брилираше” во оваа арена за време на криза. Таа исто така е експерт-делегатор, вели Бјукенан, потсетувајќи дека таа на високи, доверливи колеги им делегираше проверки на безбедноста и испитувања за тоа како убиецот бил пропуштен, дозволувајќи ѝ да се фокусира на лекување на трауматизирана земја.

-Таа е како мајка на нацијата. Кога станува збор за настани како овој, мислам дека нејзиниот допир е близу до совршен, вели Бјукенан.

-Начинот на кој Трамп и другите зборуваат во смисла на тешки разговори по терористички напади, сето тоа е позирање. И понекогаш е дизајнирано за да маскира слабост, а понекогаш тоа е жед за одмазда. Ардер не прави ништо од тоа.
-Тоа е стил на лидерство што особено одговара на Нов Зеланд. Нов Зеланд има сериозна темна страна, има расизам. Но, она што таа го прави е да ни даде момент да се соочиме со овие демони, оваа темнина и да се смениме”.

Јасност и одлучност

Нејзината топлина е избалансирана со челичност. На прашањето за коментар за австралискиот сенатор кој се обиде да ги обвини муслиманите за нападот, Ардерн го нарече едноставно „срамно”. Таа постојано зборуваше за потребата да се спречи ширењето на говорот на омраза и насилствата на социјалните мрежи веднаш по нападите. Веб-страниците што дозволија видеото од масакрот да се споделува за неа се „издавачи, а не само поштари. Не може да има само профит, без одговорност.”

Говорејќи вчера во Парламентот, Ардерн ја почна сесијата за оддавање почит на арапски: „Селам алејкум”, рече таа. „Мир во тебе”.

-Една од улогите што никогаш не ги очекував и кои се надеваа дека никогаш нема да ги имам е да ја искажам тагата на нацијата, продолжи таа.

Одбивајќи да го изговори името на осомничениот, таа одлучи да му ја одземе моќта и наместо тоа побара да се изговараат имињата на жртвите.

-Никогаш нема да ме чуете да го изговорам неговото име, рече таа.

Во земјата, па дури и најжестоките критичари на Ардерн молчат. Сем Сачдева во „Њусрум“ рече дека настанот ѝ дозволил „јасноста и решителноста” на премиерката да излезат во прв план, додека „Нов Зеланд хералд“ го опиша нејзиното раководство како „утешително и челично“.

Оние што ја следат од целиот свет, а кои претходно ја знаеја Ардерн само како втора жена лидер што има бебе додека ја врши функцијата, минатата недела ја видоа како ја води својата земја со хуманост и решителност.

Фотографијата на Ардерн со шамија на глава, врамена низ обоено стакло, веднаш се прошири низ светот и стана симбол на нејзиното претседателство по нападот.

Списанието „Криза“, публикација на НААКП, напиша на Твитер за Ардерн: „Милост. Достоинство. Храброст… Вистински лидери постојат.”

Австралискиот новинар Питер Фицсимонс изјави дека Австралијците сакаат да имаат лидер како Ардерн.

-Вашиот премиер се издвојува на меѓународно ниво како лидер кој ги инспирира луѓето низ светот, рече Фицсимонс. -Нејзината понизност, нејзината цврста решителност и, што е најважно, нејзиниот јазик на инклузивност и разновидност е восхитувачки”.

Австралискиот телевизиски домаќин Ошер Гансберг напиша: „Австралија има избори за неколку месеци. Ве молам, ве молам да ни дадете некој како Џасинда Ардерн за да гласаме.”

Посветеноста на Ардерн за реформирање на законите за оружје на Нов Зеланд, исто така, предизвика пофалби. Дејвид Хог, преживеан од масакрот во училиштето во Паркленд и тинејџерски активист за контрола на оружјето, го сподели ветувањето на Ардерн дека ќе ги објави промените во законот за оружје во рок од 10 дена и напиша на Твитер: Замислете.

Премиерката повторно ќе отпатува денеска во Крајстчрч за да ја увери заедницата дека она што се случи таму никогаш нема да се заборави. Таа веќе објави дека се работи на закони за заострување на пристапот до полуавтоматско оружје, како и за финансиска и логистичка помош за трошоците за погребување, но и дека брзо ќе бидат издадени визи за роднините кои се обидуваат да стигнат до Нов Зеланд за да присуствуваат на погреб

Но, најмногу од сè, таа ќе биде во Крајстчрч, бидејќи нејзиниот народ има потреба од неа.

На импровизираниот споменик во паркот Хагли, каде што хартиени синџири ги красат дрвјата, вчера жителите на Крајстчрч едногласно го пофалија „мирниот, сочувствителен” одговор на Ардерн на масакрот. Муслиманските лидери велат дека нејзиното раководство ја обединило заедницата и ги натерало да се чувствуваат дека Нов Зеланд е и секогаш ќе биде нивниот дом.

-За мене, како жител на Крајстчрч, ова е полошо од земјотресите, вели еден човек. -И мислам дека таа го чувствува тоа, се гледа дека таа длабоко сочувствува.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Еруптираше вулкан на Нов Зеланд, откажани авионски летови

Силен земјотрес го погоди Нов Зеланд

(ВИДЕО) Шок пред отворањето на женското СП во Нов Зеланд: Двајца мртви и шест повредени

(ВИДЕО) Маж од Нов Зеланд упадна во кинески ресторани, па со секира и чекан ги нападна гостите

Земјотрес во Нов Зеланд со јачина од 6,2 степени

Ана Ололовска

Новозеланѓаните кои живеат во Австралија четири или повеќе години ќе можат да аплицираат за државјанство

Ана Ололовска