Вистината за „американскиот сон“

Од:

Иако статистиката зборува дека е се поголем бројот на оние кои заминуваат од државава, а повеќето кои се се уште тука сонуваат да заминат и да си ја пробаат среќата на некое друго место, најчесто во САД, и се уште фантазираат за американскиот сон, еден наш сонародник, кој го сторил тоа пред три години, специјално за МИА, раскажа една сосема поинаква и не толку блескава приказна за животот од онаа страна на океанот. Можеби сето ова ќе ви звучи прилично неверојатно и поинакво од се што сте слушнале или прочитале досега на оваа тема, ама тоа е вистинската приказна на мојот пријател преку големата бара.

– Знам дека многумина ќе мислат дека сум можеби премногу размазен и дека ќе им бидам чуден поради ова што ќе го кажам, а најмногу затоа што и покрај се и натаму сум тука, во Америка, сонот на многу наши луѓе, па затоа веднаш ќе кажам: не сум размазен, а уште помалку сум мрзлив. Останувам тука уште некое време со надеж дека наскоро ќе можам да си дојдам дома и да го вратам сето она што го вложив кога тргнав во потрага по мојот „американски сон“.

Само сакам да ви објаснам дека животот во оваа земја е далеку од она што го гледаме во американските филмови, а приказните на нашите гастарбајтери кои „одлично се снашле и преубаво живеат тука“, за жал, се само празни приказни, вели нашинецот во САД.

Месечна заработувачка и животни трошоци

За почеток, можам да ви кажам дека одлично се снајдов во споредба со други наши луѓе, ама сепак е претешко…ова тука е далеку од она што сите ние во нашата Македонија си го замислуваме под поимот „американски сон“.

Еве, ќе се потрудам да ви објаснам и да го урнам конечно „дримот за Америка“. Вака. Само 10 проценти од Американците заработуваат над 10.000 долари месечно, а тоа е смешна сума за овде. Значи, сите други се со заработувачка која е под таа сума. Во просек, жените заработуваат по 2.000 долари месечно зашто се физички послаби од мажите, па мажите секогаш добиваат повеќе пари со оглед на тоа што можат да работат потешки физички работи кои се многу подобро платени.

Нашите Македонци, на пример, најчесто се нафаќаат да работат на азбест за што добиваат од 25 до 30 долари на час. Тоа значи дека го чистат азбестот од објекти, работат во специјални одела зашто, нели, станува збор за опасна материја, па три месеци работат, три месеци паузираат. Најчесто, кого и да прашаш од нашиве луѓе тука, го работат токму тоа или пак се работници на градилишта, во градежништвото. Се разбира, чест за исклучоци кои многу добро го знаат јазикот и имаат соодветен факултет од типот на градежни инженери, доктори или електро и машински инженери, се останато со диплома од Македонија може веднаш да си ја фрли во канта за ѓубре.

На пример, економистите се многу слабо платени па дури и да се на позиција во некоја банка, заработуваат до 3 илјади долари месечно, а на шалтер многу малку – до 1.200 долари. Патем, за ова и не треба диплома, туку можете да се вработите и со средно училиште и да се докажете бидејќи тука се рангираат луѓето сосема спротивно отколку кај нас. Тука се гледа способноста, трудољубивоста и успешноста на лице место, а не како кај нас, дипломата под рака и клати нозе во канцеларија до пензија. Тука нема седење никаде, ниту во банка, ниту во канцеларии, ниту пак во продавници, секаде се стои, секаде на готовс да се даде некоја услуга за која си платен. Како и да е, според тоа колку најчесто заработуваат мажите, а колку жените, едно добростоечко семејство заработува во просек до 6.000 или 7.000 долари месечно.

Кирија, пак, и тоа во никаков стан, со две спални, чини најмалку 1.500 долари. Додадете на тоа 200 долари за струја, плус интернет, телефони и останати давачки, приближно уште 300 долари. Потоа е на ред автомобилот. А секој мора да вози автомобил затоа што едноставно таков е начинот на живот. Секој автомобил купен на рати (а никој не дава кеш за кола), чини околу 250 долари месечно и плус осигурување кое е задолжително (бидејќи во спротивно, кога ќе те застане полиција, одиш во затвор и плус плаќаш казна) и би било месечно некаде околу 200-300 долари што значи најмалку помножено по два (секое просечно семејство има најмалку два автомобила).

И да не заборавам, од чекот со платата што ја примате секоја недела ви задржуваат најмалку 15 проценти данок, па ако заработувате, на пример, 2.000 долари месечно, од тоа веднаш ви скратуваат 300 долари за данок. Ако земате поголема плата, ќе ви задржат и поголем процент, па дури и до 40 отсто од платата.

americanDream

Недвижнини

Ако случајно сте си купиле куќа, но и тоа под наводници, затоа што куќата всушност и не е ваша, туку на банката затоа што таа ви дала кредит, ќе исплаќате приближно 2000-3000 долари. А најстрашно од се е што за неа ќе морате да плаќате и данок од најмалку 1.000 долари месечно до крајот на животот.

Ако не платите кредит за куќата два-три месеци, банката ви ја зема, а вие не добивате ниту долар надомест иако сте ја исплаќале, да речеме, 15 години. Можно е да ви потфрлат нешто ситно, ама најчесто ниту толку затоа што тие пари што сте ги плаќале со години наназад за да ја исплатите куќата ви ги сметаат како кирија затоа што сте живееле во неа. Затоа тука ако повеќе не можат да и плаќаат на банката, само и ги предаваат клучевите од куќата и си одат…залудно се што плаќале дотогаш, и за да ја исплатат, и како месечни такси и даноци за неа. Од тие причини, 99 отсто од луѓето тука живеат под кирија.

На пример, еден мој пријател, Македонец, директор во американска фирма, од оние со подобри примања, кој веќе 25 години живее во Америка, не може да си дозволи куќа. Едноставно, мора да се чуваат пари на страна, не смее да се ужива во парите, мора да се мисли за утре, нема расфрлање од типот на куќа со базени и ковани огради…Секако, зборувам за просечни семејства, а не за Кардашианс и компанија.

Ако живеете под кирија, барем не плаќате даноци, па од тие причини ретко кој купува свој стан или куќа, а многу битен момент е и тој што живеат сите заедно, не се делат од родителите како што мислевме ние гледајќи ги американските филмови. На пример, моја пријателка, Американка по раѓање, по разводот од сопругот, со еден полнолетен син, се врати кај родителите, иако и таа и синот се вработени. Тоа и е единствената шанса нешто да заштеди за во иднина. Мораат да размислуваат така затоа што инаку многу лесно можат да останат на улица.

Забава?! Што беше тоа?

Од нашиве луѓе тука се сомневам дека некој некогаш бил на пример да гледа претстава на Бродвеј, затоа што билет чини 150 долари. Истото важи и за одењето во театар, во кино или на некој интересен настан…сето тоа е невозможна мисија за нашиве луѓе зашто е скапо и го сметаат за луксуз. Да не зборувам како им изгледа животот без одење на кафе, без седење со пријатели по ресторани, без никој никаде. Празни души, празен живот. Арно ама кога еднаш ќе заминете и ќе вложите во тоа, не е лесно ниту да се вратите туку така, без да го реализирате тоа што сте го зацртале. Најчесто нашите едвај чекаат да се пензионираат и да се вратат дома. За овој живот тука никој не може и не знае да се подготви претходно и никој не може да ве научи како да ја преболите тагата.

Школување и здравство

Факултетот за децата чини најмалку 20.000 долари годишно, без трошоците за престој, за храна, облека и слично. Ретко кој може тоа да го направи за своите деца па затоа многу од нив ги праќаат во Македонија да завршат таму нешто па кога ќе се вратат да ги нострифицираат дипломите, но и тоа е многу тешко затоа што на тој начин наместо да работат тука и да придонесат за семејниот буџет, само ќе бидат неиздржлив трошок за родителите. За Американците не е подобро. На пример, од многумина кои сум ги прашал дали некогаш биле во Европа, најчесто сум добивал негативен одговор, а причината е тоа што немаат доволно пари за патување. Здравството им е супер, ама осигурувањето е катастрофа. Односно, супер е кога имате многу пари, а ако сте меѓу оние, просечните, тогаш тешко вас.

Секој месец сите плаќаат осигурување од платата, најмалку по 200 долари од човек. Значи, ако еден вработен маж сака да си ги осигура и жената и децата, тоа се плус уште по 200 долари најмалку за секој. Со тоа не е целосно покриено осигурувањето, туку во најдобар случај, само 80 отсто. Тука не спаѓаат стоматолошките услуги, тие се покриени само со 50 отсто, а исто и очниот лекар. Не дај Боже да завршите во болница, бидејќи се што сте штеделе цел живот, ќе ви го земат. На пример, една Македонка која е мажена тука, за ин витро, со 80 отсто покриено здравство доплати 30.000 долари и тоа беше неуспешен обид.

Само една анализа на крвна слика чини 1.400 долари. Затоа луѓето се принудени да планираат долгорочно, а не како кај нас, од денес за утре. Не можат да си дозволат да не штедат пари затоа што не дај боже еден член од семејството да се разболи, се ќе им отиде. Кога одите на лекар, првото нешто што ќе ве прашаат кога ќе седнете на столчето е какво осигурување имате. Ќе ви кажат колку чини зафатот и веднаш морате да кажете дали имате да платите или не, ако немате, си кажувате дека ви е скапо и си одите како што сте дошле. Безмилосно им е здравството ако немате пари, а ако имате, тогаш е друга приказна. Тука сме сите само бројки, нема сочувство, нема подавање рака од никого.

Што се однесува до пријателството, можете да имате пријатели, но постои и некој премолчан договор меѓу пријателите дека не можете да сметате на нив ако ви тргне лошо финансиски затоа што и пријателите најчесто стојат на стаклени нозе и едноставно и да сакаат не можат да ви помогнат.

dolarKrv

Колку останува за живот?

Нашите деца што доаѓаат тука масовно, со студентски визи, немаат поим каков е реално американскиот живот. Тие немаат никакви давачки па си мислат дека тука е така, работиш и сите пари во џеб си ги ставаш. Тоа е далеку од вистината, бидејќи овде ти го наплаќаат и воздухот што го дишеш. Ете, на пример, меѓу останатите давачки што ги набројав заборавив да споменам дека му плаќате и на градот во кој живеете за одржување на патиштата, училиштата, и така натаму, а тоа се дополнителни 300 долари месечно. Кога ќе пресметате се, не остануваат пари ниту за да го наполните фрижидерот па сите се на кредитни картички.

Меѓутоа, ако задоцните со плаќањето на картичката, на банката не и паѓа на памет да ве потсетува како што тоа го прават од нашите банки, затоа што и одговара да доцните. Имено, ако задоцните со плаќањето на ратата за кредитната картичка, на крајот од месецот веднаш ви земаат камата од 25 отсто. Значи, ако земете 1.000 долари на картичка, на крајот од месецот ви земаат 250 долари камата. И да не заборавам, нема платен одмор и платена пауза за ручек. Многу се ретки фирмите во кои вработените имаат платен одмор. Што се однесува до паузата за ручек, практично сте на работа 9 часа, а платени сте за 8, така што излегува дека ручекот е сепак на ваша сметка.

Суровата американска реалност

Ова е вистинската приказна за Америка, а сите оние приказни на нашите гастарбајтери, со исклучок на ретки на кои им се посреќило па успеале да се збогатат, е само искривена слика за реалноста во која живеат. Вистината е дека тие живеат и работат тука само за да можат две недели во годината (а повеќето ни тоа не можат да го прават секоја година), да дојдат на одмор во Македонија опремувајќи се претходно со нова облека и подароци за роднините и пријателите и трошејќи дел од крваво заработените пари на неколку честења со кои ќе им покажат на сите во родниот крај дека се снашле. Кога би знаеле како навистина изгледа животот на повеќето од нив тука, верувајте, никогаш повеќе не би посакале да сте на нивното место.

Како прилог кон мојата приказна еве и еден краток мејл од мојот пријател од Бостон, инаку научник и професор на еден од тамошните универзитети.

– Здраво, како сте и што има ново? Јас сум презафатен со работа и не знам од кога не сум спиел повеќе од 4-5 часа. Едвај најдов време накратко да ти пишам. Ќе пробам и да се јавам некогаш иако тешко наоѓам време за викенди за што било што. Со работата сум презафатен по 12 часа на ден во многу лоша меѓучовечка атмосфера, а за викенди го подготвувам часот и работам на уште еден проект…“.

Патем, мојот пријател живее веќе 25 години во Бостон, во скромен стан под кирија кој е во полоша состојба дури и од мојата финска барака во Скопје. Верувам дека има и подобри и посреќни примери, но за промена, колку да се знае дека и тука не е се мед и млеко, не е лошо да слушнете и некој кој не ја разубавува реалноста до бескрај.

Резиме

Од американскиот сон за кои фантазираат многу млади Македонци, очигледно се разбудија многу нивни врсници во САД, па така, додека нашите млади сонародници се надеваат подобриот живот да го остварат во САД, самите Американци веруваат дека среќата ги чека на некое друго место, и си заминуваат. Оваа година, британскиот весник „Financial Times“ објави дека дури 6,3 милиони Американци студираат или работат во странство, што е рекорд во историјата на САД. Додека Македонците трчаат во Америка и во Канада, стручњаците од САД, како што се наведува во весникот, во потрага по работа заминуваат во земјите чија економија бележи брз раст – во Кина, Индија, Русија, Бразил…

Како главна причина за заминувањето тие ја истакнуваат економската депресија во САД и можноста за вработување во странство. Некои американски економисти се обидуваат ова да го прикажат како позитивна тенденција, сугерирарјќи дека вештините и искуствата кои младите Американци ги стекнуваат во странство, можат да се вратат во САД и тоа го карактеризират попрво како „движење“ наместо како „одлив на мозоци“. Сепак, повеќето во ова гледаат причина за грижи. Ако е за утеха, со проблемот наречен „одлив на мозоци“ се соочува и Велика Британија, па така, според интернет страницата Финмаркет, околу 4,7 милиони луѓе родени во Британија, сега живеат во странство. Главните причини за нивното заминување од земјата се невработеноста и промената на вредноста на британската фунта. Најпопуларната дестинација за работоспособните британски емигранти и понатаму е Австралија.

Во Македонија интензивно се работи на проектот за спречување на „одлив на мозоци“. Идејата е да се создадат примамливи услови поради кои младите интелектуалци ќе сакаат да се вратат во државата и своето искуство да го имплементираат и пренесат на овие простори. Се разбира, најважното што треба да се направи е да се подобри климата во државата. Накусо, треба да се обезбедат подобри услови за работа, повеќе квалитетни работни места со добри приходи, можности за соодветна напредна обука и развој на кариерата, да се зголемат средствата за научно-истражувачка работа, да се зголемат слободата и независноста во истражувањата, да се обезбедат стабилност и предвидливост на економските движења и секако, да се воведе поинаков принцип на вработување од досегашните.

Би можело да ве интересира

Три лица загинаа во авионска несреќа во САД

(ВИДЕО) Нова драма во САД: Брод удри во мост, се излеа нафта, спасувачките служби го блокираа сообраќајот

Горан Наумовски

Волстрит порасна, но инфлацијата во САД не се намалува

САД се длабоко вознемирени од грузискиот закон за странски агенти

ВИДЕО: Девојче во САД злоставувано до смрт, таткот и маќеата ја држеле врзана во подрум

Катерина Ѓуровски

Израел: Одлуката на Бајден за оружјето испраќа погрешна порака до Хамас