Траги на вирусот на еболата се откриени во спермата на еден маж од Либерија, кој пред речиси шест месеци бил излекуван од оваа смртоносна болест, соопшти денеска портпаролот на Светската здравствена организација (СЗО), Тарик Јашаревиќ.
Тој истакна дека во една студија од 1995 година е наведен случај на пациент од ДР Конго во чија сперма се пронајдени траги на вирусот на еболата 82 дена по почетокт на инфекцијата, додека во најновиот случај такви траги се откриени најмалку шест месеци по оздравувањето.
– Мораме да испитаме дали станува збор за аномалија или пак постојат луѓе кај кои траги на вируост може да се задржат подолго време, нагласи Јашаревиќ.
Како што јави ФЕНА, тој истакна дека засега не можат да се носат заклучоци дали спермата на Либериецот би можела да биде извор за ширење на болеста.
Поради ваквите појави, СЗО им препорачува на луѓето излекувани од ебола да се воздржат од сексуални односи или да користат презервтиви.
Од појавата на еболата во западна Африка кон крајот на 2013 година, од оваа болест, според најновите податоците на СЗО објавени вчера, починаа 10.604 лица, од кои речиси сите во Либерија, Сиера Леоне и Гвинеја.