Виетнамскиот блогер Нгуен Ху Вин е осуден денеска од судот во Ханој на пет години затвор за пишување и за објавување „анти-државни“ написи на неговата интернет страница.
Ху Вин е поранешен полицаец и за него се вели дека бил поврзан со припадници на политичката елита на владечаката Комунистичка партија.
Заедно со него, на три години затвор била осудена и помошничката на Ху Вин.
Во текот на судскиот процес, обајцата ги отфрлиле обвинувањата, инсистирајќи дека не направиле никакво кривично дело.
Ху Вин и неговата помошничка се уапсени во текот на 2014 година, откако блогот на кој работеа стекна голема популарност во виетнамската јавност и неколку милиони луѓе ги читале прилозите на интернет страницата.
Пред изрекувањето на пресудите, интервенирала ханојската полиција, која растерала поголема група демонстранти собрани пред зградата на судот, кои барале ослободување на блогерот и на неговата соработничка.
Во Виетнам и понатаму е во сила еднопартсики систем, со целосна доминација на виетнамската Комунистичка партија.
Властите во Ханој се редовно критикувани од разни групи и организации за човекови права, за нетолеранција на различното мислење, како и за ограничувањето на слободата на изразување и на медиумите, за кои се вели дека се под остра контрола на власта.