Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека новата тактичка балистичка ракета ФП-7 првпат била употребена во борбена операција против Русија. Украинските власти не откриваат која била целта на нападот.
„Украинска тактичка балистичка ракета. ФП-7. Прва борбена употреба. Ви благодарам за резултатот. Следен чекор: сериско производство. Слава на Украина!“, напиша Зеленски, објавувајќи снимка од лансирањето.
Ukrainian tactical ballistic missile. FP-7. First combat use. Thank you for the result. Next up: production. Glory to Ukraine! pic.twitter.com/IxdjVg51c1
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) October 1, 2026
На прашањето на „Киев Индипендент“ која била целта и што било уништено, советникот за комуникации на украинскиот претседател кратко одговорил: „Тоа не го кажуваме“.
Ракетата ФП-7 ја разви и произведе украинската одбранбена компанија „Фајр Поинт“. Според објавените технички податоци, ракетата достигнува максимална брзина од 1.500 метри во секунда, има дострел до 250 километри и носи боева глава тешка до 200 килограми.
Развојот на ФП-7 и верзијата со поголем дострел ФП-9 беше официјално најавен во септември 2025 година, а првите тестирања биле извршени во февруари 2026 година.
Ракетата се темели на советскиот пресретнувач 48Н6, кој се користи во системите С-300 и С-400, но со современи компоненти и производствени технологии.
Коосновачот и главен конструктор на „Фајр Поинт“, Денис Штилерман, претходно изјави дека ФП-7 е украински пандан на американскиот систем ATACMS и дека производството треба да биде значително поевтино.
Украинскиот воен аналитичар Назар Барчук изјави за „Киев Индипендент“ дека ФП-7 е наменета за гаѓање цели на линијата на фронтот и во непосредното задништво.
Меѓу можните цели ги наведе командните места, штабовите, складиштата за оружје и муниција, радарските станици, системите за електронско војување, противвоздушните и ракетните лансери, полигонот за лансирање дронови, воената инфраструктура и аеродромите што се наоѓаат во дострелот на ракетата.
Извршната директорка на „Фајр Поинт“, Ирина Терех, на безбедносна конференција во Полска на 10 септември најави дека ракетата ќе влезе во оперативна употреба „за неколку недели“. Според неа, претходно биле извршени околу 15 пробни лансирања и завршена сертификацијата во украинското Министерство за одбрана.
„Фајр Поинт“ е основана во 2022 година и за кратко време стана еден од значајните украински производители на оружје. Компанијата разви повеќе видови далекудометни дронови и крстосувачката ракета ФП-5 „Фламинго“.
Компанијата, исто така, ја предводи европската одбранбена иницијатива ФРЕЈА, започната во јули со девет европски партнери. Во рамките на проектот се развива ФП-7.Х – побрза верзија на ракетата наменета за пресретнување балистички ракети.
„Фајр Поинт“ досега потпишала договори со 13 европски воени компании за набавка на радари и глави за самонаведување, со цел цената на еден пресретнувач да биде под еден милион евра. Првото оперативно пресретнување е планирано за средината на 2027 година.
Развојот на домашни ракетни системи е дел од напорите на Украина да го намали недостигот од западни системи за противвоздушна одбрана и скапи пресретнувачи.
