Русија го ослободи 74-годишниот пензиониран американски учител Стивен Хабард, што е најновиот знак за подобрување на односите меѓу двете земји, во време кога Вашингтон врши притисок врз Киев да прифати договор за завршување на руската војна против Украина.
Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф го пофали рускиот претседател Владимир Путин за ослободувањето на Хабард за време на мировните преговори со рускиот лидер во Санкт Петербург.
Steve Witkoff to Putin:
You talk so much about my president, President Trump, being a humanitarian.
You are a humanitarian also, sir, and I salute that, I commend you, and I thank you again. https://t.co/Yuf07JkQ2I
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) October 21, 2026
„Често зборувате за тоа како мојот претседател, претседателот Трамп, е хуманитарец. И вие сте хуманитарец, господине“, изјави Виткоф.
„Сакам многу да ви се заблагодарам. Претседателот ви се заблагодарува… целата нација ви се заблагодарува за Стивен Хабард. Благодарение на вас, тој се враќа дома кај своето семејство“, нагласи Виткоф.
Путин за време на средбата соопшти дека Хабард се наоѓа на аеродромот Пулково во Санкт Петербург, каде што утрово слета и Виткоф. Руските државни медиуми објавија дека Путин одлуката за ослободување на Хабард ја донел од „хуманитарни причини“.
САД со недели се обидуваат да ги подобрат односите со Кремљ, а ослободувањето на Хабард, роден во американската сојузна држава Мичиген, кој беше приведен во Украина во 2022 година, му носи на Доналд Трамп успех со кој може да се пофали. Ова се случува по критиките во САД и во странство поради неговиот пресврт во корист на Москва во конфликтот со Украина.
Трамп ја поздрави веста за ослободувањето.
„Стивен се враќа дома и наскоро ќе биде со своето семејство. Соединетите Американски Држави, од голема почит кон претседателот Путин, не мораа да дадат ништо за возврат, што досега е невиден случај кога станува збор за Русија“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп потврди дека минатата недела, за време на телефонски разговор, директно побарал од Путин да го ослободи Хабард, кој беше приведен под обвинение дека се борел во Украина како платеник. Хабард ги негираше обвинувањата. Тој беше последниот Американец кого американскиот Стејт департмент официјално го означи како неправедно приведен во Русија.
Семејството на Хабард им се заблагодари на претседателот Трамп и на неговиот тим што го отворија дијалогот со Русија, кој доведе до овој радосен ден.
„Нашето семејство може да посведочи дека на тешкиот пат кон мирот може да се пронајдат прекрасни благослови“, порачаа членовите на семејството.
Хабард со децении живеел во странство и работел како наставник по англиски јазик. Во источниот украински град Изјум се преселил во 2014 година. Руските сили го окупираа градот на почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година.
Според извештаите на руските државни медиуми, руските обвинители тврделе дека Хабард се борел на страната на украинската војска во Изјум, откако потпишал договор според кој требало да добива околу 1.000 долари месечно.
Неговата сестра, Патриша Хабард Фокс, изјави дека обвинението е лажно.
